Економија, финансии, бизнис

Контакт

Еден ист газда ќе ги празни последните државни резерви на мазут и ќе носи јаглен од Грција

Еден ист газда ќе ги празни последните државни резерви на мазут и ќе носи јаглен од Грција

„Макоимпекс БГ“ е компанијата која, според објавениот договор на 25 февруари во системот за јавни набавки, треба да ги изнесе последните резерви на мазут што ги има државата и да му ги достави на ЕСМ за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј за производство на електрична енергија 

Според сознанијата на „Фактор“, државата имала стабилни количини од преку 20 милиони литри државни резерви на мазут во складиштата на ОКТА, но започнале масовно да се изнесуваат од резервоарите во текот на минатата година и да се дотрошат наскоро во текот на оваа година. 

Енормното испразнување на резервите на мазут е легитимирано со уредби за кризна состојба донесени од Владата во текот на минатата година, по што следувал првиот тендер во мај 2025 за транспорт на дериватот од складиштата до термоелектраните. 

На 23 мај 2025 било договорено „Макоимпекс БГ“ да изнесе 10,78 милиони килограми мазут од складиштата за надомест од 400.000 евра, а на 25 февруари годинава договорено е истата фирма за 250.000 евра да изнесе уште 5,39 милиони килограми мазут. Токму вчера Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави дека во државните резерви се преостанати уште околу 5,3 милиони килограми мазут.

„Во моментов во државните резерви има 5.394.855 кг Мазут М-1 НС. Согласно одлука на Влада на РСМ  бр.50-11791/7 од 23.12.2025 година , на ЕСМ се отстапени 5.394.854 кг мазут од државните резерви“, не извести Агенцијата за задолжителни нафтени резерви.

Овие два тендери се единствените кои досега ги има добиено „Макоимпекс“ од страна на државата.  Краен сопственик е Борче Секуловски од скопско Горно Лисиче. Тој е истиот сопственик на ХИБ Петрол Груп, фирма која за прв пат доби договор од ЕСМ за носење на 150.000 тони јаглен од Грција за потребите на РЕК Битола. Договорот беше постигнат за сума од 7,3 милиони евра во текот на минатиот месец.  Бензинската пумпа со маркети и ресторан на ХИБ Петрол Груп во Визбегово локациски се совпаѓа со мрежата на бензински станици што ги поседува косовската ХИБ Петрол Груп. За оваа компанија реагираше и опозицијата дека нејзиниот сопственик во 2014 година бил правосилно осуден на четири години затвор и парична казна, затоа што испорачувал мазут со околу 80 отсто повисоко ниво на сулфур од дозволеното.

- Целосна лага е дека АД ЕСМ склучила договор со фирма од Косово. Посочената фирма е основана во Македонија и согласно објавениот оглас, ја приложила целата потребна документација. Не постои ниту еден доказ издаден од надлежна институција дека овој економски оператор основан во земјава има каква било забрана за учество во постапки за јавни набавки, ниту дека е осуден за цитираме: криминал со токсичен мазут. АД ЕСМ нема законско право да елиминира понудувач кој ги исполнува сите критериуми врз основа на партиски соопштенија, реагираа веднаш потоа со демант од ЕСМ.

Интересно е тоа што во повик кој заврши на 21 јануари, ЕСМ купи огромна количина од 33,66 милиони тони мазут само за функционирањето на термоелектраната РЕК Битола, која инаку првенствено работи на јаглен.  На повикот одбрана беше Пертинакс, компанија за тргување со горива на големо и мало, на бизнисменот Зоран Ивановски. Набавката ќе чини 15 милиони евра. 

А.К.

Слично

Поврзани вести