Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕБОР: Значајни негативни ризици по македонската економија, но ќе продолжи да расте!

ЕБОР: Значајни негативни ризици по македонската економија, но ќе продолжи да расте!
Согласно извештајот за Регионална економска иднина на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), објавен денес, македонската економија ќе продолжи да расте со интензивна стапка, и со зголемување од 3,5 отсто во 2015 и 2016 година, Растечките бројки во делот на извозот, значително зголемени во првата половина од годината, се главниот двигател на ваквите економски резултати, кои се едни од најдобрите во регионот. Меѓутоа, значајни негативни ризици произлегуваат од внатрешно-политичките проблеми и големиот раст на јавниот долг. Во принцип, прогнозата за економиите каде што инвестира ЕБОР, останува поделена, при што земјите географски поисточно, се наоѓаат под поголемо влијание од руската рецесија, како и ниските цени на нафтата и на другите производи. Регионите позападно, имаат придобивки од нагорниот тренд во еврозоната и влијанието на приспособливите монетарни политики на Европската централна банка. Според најновиот извештај на ЕБОР за Регионална економска иднина, растот на целиот регионот се очекува да се забави за само 0,2 отсто оваа година, од 1,8 отсто во 2014 година. Умерен раст од 1,6 отсто се очекува во 2016 година. Овие предвидувања се непроменети од мај, но со нив се прикриваат регионалните разлики[1]. image001 Се очекува украинската економија да се намали за 11,5 отсто во 2015 година, што претставува влошување од четири процентни поени, во споредба со прогнозите од мај годинава. Ханс Петер Ланкес, Вршител на должност Главен економист на ЕБОР, изјави: „ Во моментов, по пет последователни години на забавен раст, можеби ќе видиме некаков пресврт во 2016 година. Како и да е, значајните негативни ризици остануваат како недостатоци." Во извештајот, како еден од ризиците за поострото забавување на економските резултати во Кина, е зголемувањето на каматните стапки во САД, кое беше поголемо од очекуваното. Влијание имаат и политичката нестабилност, геополитичките тензии и нерамномерното спроведувањето на програмата за финансиска помош на Грција. Извештајот истакнува дека бегалската криза која остро се засили во 2015, влијае врз економиите на голем број земји. Од земјите „први на удар“ од оваа криза, се проценува дека Турција примила повеќе од два милиони бегалци, а во Јордан нивниот број изнесува речиси една петтина од населението. Во некои случаи, овој масовен прилив, доведува до отежнување на јавните услуги, владините финансии и пазарите на трудот. Транзитните земји во југо-источна Европа, кои обезбедуваат медицинска и социјална заштита, храна, вода и сместување за бегалците, се соочуваат со логистички и фискални предизвици. Гледано регионално, во извештајот на ЕБОР се предвидува релативно силна перспектива за централна Европа и балтичките земји, која е поддржана од квантитативното олеснување во Еврозоната и пониските цени на производите, кои овозможуваат полесни монетарни услови во регионот. „Очекуваната просечна стапка на раст од околу 3 проценти во 2015 и 2016 година предвидува континуирана, иако бавна, конвергенција на нивоата на приходи со оние на развиените економии", се вели во извештајот. Економиите во југо-источна Европа, исто така имаат придобивки од квантитативното олеснување во Европа, послабото евро и пониските цени на нафтата. Генерално, се очекува растот да почне да се зголемува во 2015 година, а да се одржува во 2016 година. Развојот на економијата на Грција се очекува да се намалува во оваа и во следната година. Економската прогноза за источна Европа и Кавказ[2] за 2015 година, под влијание на излевањето на последиците од рецесијата во Русија и поради подлабоката рецесија во Украина и Белорусија, е влошена. Се очекува Украина повторно да бележи раст во 2016 година. Се чини дека економијата го достигна дното во средината на годината и дека е на пат кон постепено закрепнување. Програмата на ММФ во Украина, во голема мера се спроведува според предвидувањата. Растот во Турција се предвидува да остане непроменет, со 3 отсто во 2015 година и 2,8 отсто во 2016 година, што е под долгорочниот потенцијал на земјата. Слабата домашна побарувачка, може делумно да се компензира, со подобрување на извозот во 2016 година, затоа што обновувањето во Еврозоната го поддржува извозот, а послабата домашна побарувачка и пониските цени на производите ги намалуваат сметките за увоз. Во извештајот се истакнува дека Турција е особено ранлива на заканата за одливи на капитал, кои влијаат на новите пазари, со оглед на очекуваните зголемувања на каматните стапки во САД. Во Русија, се очекува производството да се намали за 4,2 отсто во 2015 година и за 1,2 отсто во 2016 година. Потрошувачката и инвестициите ќе опаднат, со оглед на значително пониските цени на нафтата, со што ќе се интензивираат структурните проблеми и влијанието од економски санкции. Во 2016 година, се очекува рецесијата да се ублажи со прилагодување на економијата на пониски цени на нафтата. Растот во централна Азија се очекува значително да забави во 2015-2016 година, во споредба со 2014 година, за сметка на намалените цени на производите и силните економски врски на регионот со Русија. Како резултат на силните инвестиции во јужниот и источниот Медитеран, предвидувањата беа ревидирани и за Египет. Во Тунис прогнозите за раст се послаби, заради влошувањето на условите во земјата, а регионалните безбедносни проблеми ја влошуваат состојбата за Јордан. Силните позитивни резултати во земјоделството, се очекува да го зголемат растот во Мароко на 4,9 отсто во 2015 година. Во 2016 година, се предвидува растот да забави и да изнесува 3,8 отсто.
Слично

Поврзани вести