ЕБОР: сериозни политички предизвици – да се одвои бизнис од политика, фер избори, слобода на медиуми!
Бордот на Директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) на состанокот одржан на први мај 2013 година усвои стратегија за напредокот на Македонија. Во политичкиот дел, ЕБОР констатира напредок, но нотираше и серија забелешки на кои македонските власти треба да обрнат особено внимание.
Уставната и законодавната рамка за плуралистичка парламентарна демократија е воспоставена. Поделбата на овластувања и проверките и контролите во политичкиот систем ги гарантираат основните права и слободи на малцинствата, а во однос на значајната улога на граѓанското општество тие во голема мера се во согласност со меѓународните и европските стандарди, заклучува ЕБОР, повикувајќи се на оценкта на Советот на Европа и на Европската Унија.
Изборите генерално се слободни, иако понекогаш се со неправилности. Судството исправено пред сериозни предизвици
Изборите во Македонија, генерално, се спроведуваат на начин кој според ОБСЕ и Советот на Европа, е слободен и во согласност со меѓународните стандарди, иако понекогаш се обележани со неправилности, стои во документот на ЕБОР. Во периодот по усвојувањето на претходната Стратегија, Макединија постигна дополнителен напредок во однос на демократските реформи, во голема мера насочени кон интеграција во ЕУ. Особен напредок е постигнат во областите кои се сметаат за клучни слабости на земјите од Западниот Балкан, како што е јавната администрација, судството и деловното опкружување. Иако во областа на судството и натаму постојат сериозни предизвици, неговата општа ефикасност е зголемена, што се гледа од намалениот број на заостанати предмети во судовите, пишува во документот ЕБОР.
Охридскиот рамковен договор функционира - етничките тензии се надминуваат со дијалог
Европската банка за обнова и развој се фокусира и на Охридскиот рамковен договор. Властите остануваат посветени на духот на Охридскиот Рамковен Договор, со кој беше ставен крај на меѓуетничкиот конфликт од 2001 година и кој, оттогаш наваму, го јакне меѓуетничкото помирување, пишува ЕБОР. Континуираното спроведување на договорот придонесе кон консолидација на демократијата и владеењето на правото. Со тоа и натаму се поддржува политичката стабилност во земјата, која е зацврстена и со релативно непреченото функционирање на сегашната мултиетничка владејачка коалиција. И покрај повторливите етнички тензии, коалиционите партнери успеваат да ги решат несогласувањата по пат на дијалог.
Собраниска криза заради буџетот за 2013
ЕБОР во стратегијата донесена на први мај годинава се осврнува и на инцидентите во Парламентот, зараду усвојувањето на буџетот за 2013 година. Собраниската криза од крајот на 2012 година посведочи на политичка криза која започна поради контроверзности околку усвојувањето на буџетот за 2013 година. Главната опозициска партија, левичарската СДСМ, покрена бојкот на Собранието, изјави дека ќе ги бојкотира локалните избори во март 2013 година и побара предвремени паралментарни избори. Политичката пат позиција се надмина со помош на договор со посредиштва на ЕУ помеѓу владата и опозицијата постигнат на 1 март, 2013 година. Опозицијата се врати во Собранието и учествуваше на локалните избори на 24 март и 7 април, 2013 година.
Семејно гласање, притисок или заплашување на граѓаните
ЕБОР потсетува дека во ноември 2012 година биле усвоени нови амандмани на Изборниот Законик со што се даде осврт на одредена загриженост на Канцеларијата на ОБСЕ за Демократски институции и човекови права (ОДИХР) и на Венецијанската Комисија.
И покрај општото добро спроведување на изборите, имаше и повремени нерегуларности. Оние кои се повторуваа беа т.н. семејно гласање, особено присутно кај етничките малцинства, каде што оваа појава претставува долгорочен предизвик, како и повремените наводи за притисок или заплашување на граѓаните, пишува ЕБОР. ОБСЕ препорача ревизија на гласачките списоци, која требаше да се спроведе уште многу одамна. Тоа е поврзано со податоците што се очекуваат од новиот попис, кој е два пати одложен поради одредени несогласувања поврзани со етничките прашања. Ревизијата на гласачкиот список е во тек. Иако во минатото неколку изборни процеси беа обележани со изборно насилство и разни неправилности, во последно време има постојан напредок, кој беше демонстриран во текот на претседателските и локалните избори од 2009 година, а особено во текот на последните парламентарни избори, кои се оддржаа во јуни 2011 година. Последниве минаа спокојно и мирно и беа забележани само ограничен број технички неправилности.
Локалните избори поминаа со партиско влијание врз медиумите
Локалните избори, коишто се одржаа на 24 март и 7 април, 2013 година, додава ЕБОР беа оценети од страна на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на изборите како ефикасно спроведени и крајно конкурентни и мирни. Во исто време, во своите прелиминарни заклучоци по втората рунда, Мисијата за набљудување на изборите забележа дека “понатамошното партиско влијание врз медиумите и мешањето на државните и партиските активности го потврди недостатокот на рамноправно поле за игра за кандидатите”.
Близок однос меѓу бизнис и политичките елити
ЕБОР во најновиот документ констатира дека Македонија утврдила институционални, законски и финансиски аранжмани за избраните функционери да спроведуваат ефективно владеење и тие не се ограничени со никакви недемократски права на вето или други несоодветни влијанија. Како во многу други земји во транзиција,долго време постои близок однос меѓу деловните и политичките елити. Меѓутоа, ова не ги компромитира надлежностите на избраните функционери да владеат со земјата.
Голем дел од рекламирањето финансирано од власта се насочува кон медиумите што ја поддржуваат Владата
ЕБОР во документот нотира дека плурализмот во медиумите, коишто функционираат слободно и без цензура, општо пораснал во последниве години. Законската рамка во голема мера е воспоставена во согласност со меѓународните стандарди. Сепак, банката се повикува Брисел, кога Европската Комисија во својот последен Извештај за Напредокот на Македонија, објавен во октомври 2012, забележа дека постои„континуирана загриженост околу самоцензурата“, како и за тоа дека „голем дел од рекламирањето финансирано од власта се насочува кон медиумите што ја поддржуваат Владата“.
Условите во затворите сеуште тешки
Постојат уставни гранции против малтретирање, заплашување и тортура и во голема мера се поддржуваат во практиката, пишува ЕБОР. Направени се напори за зголемување на сознанијата кај полицајците за европските стандарди против малтретирање во полициските станици. Сепак, остануваат извесни празнини во однос на стратегијата за нула толеранција спрема малтретирањето, а условите во голем број затворски установи остануваат тешки.
Продолжува стигматизацијата на ЛГБТ заединицата
Сé на сé, основните права нашироко се почитуваат во Македонија, пишува ЕБОР и додава главните слабости при доследна примена на загарантираните права вклучуваат продолжување на стигматизацијата на ЛГБТ-заедницата и неадекватна социјална интеграција на лицата со инвалидност.
Корупцијата сеуште широко распространета
Иако корупцијата останува сериозен проблем во одредени области како што се јавните набавки, а македонските граѓани сé уште ја перцепираат како широко распространета појава, ЕБОР заклучува дека во последниве години, властите постигнале напредок во борбата против корупцијата. Воспоставувањето на „едношалтерски систем“ за формирање претпријатија, заедно со сеопфатните регулаторни реформи во последниве години, пишува банката придонело кон подобрување на севкупната атмосфера во врска со интегритетот. Според индексите за перцепција на корупцијата на „Транспаренси Интернешонал“ од 2012, Македонија има резултат од 4,3, што ја става на 69-ото место од 176 земји и меѓу најдобрите во Југоисточна Европа.
И.М.
Слично
