ЕБОР објави прогноза за тоа колкав раст ќе има македонската економија
Европската банка за обнова и развој(ЕБОР) предвидува раст на македонската економија од 4 отсто во 2021 и 2022 година.
ЕБОР забележува дека имаме зголемена инфлација поради глобалните текови. Во извештајот стои дека по четири последователни квартали со негативен раст помеѓу вториот квартал од 2020 година и првиот квартал од 2021 година, почна закрепнувањето на македонската економија.
„Потрошувачката на домаќинствата порасна силно, поддржана од зголемувањето на платите, растот на кредитите и дознаките од странство. Извозот на стоки се зголеми и по вредност и по обем, поттикнат од закрепнувањето во ЕУ, главниот извозен пазар на Македонија, и растот во тандем со увозот. Странските директни инвестиции се зголемија во втората половина на 2021 година, надминувајќи го соодветното ниво од 2019 година“, се наведува во извештајот.
Но, овој раст во голема мера ја одразува реинвестираната заработка и должничките инструменти, а учеството на новиот капитал е многу ниско.
