Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕБОР ни ги зголеми очекувањата за раст, што ќе каже Народната банка

ЕБОР ни ги зголеми очекувањата за раст, што ќе каже Народната банка

Европската банка за обнова и развој ги зголеми прогнозите за раст на македонската економија на 3,2 отсто во оваа и наредната година, или за по 0,2 процентни поени во однос на претходните мајски проекции. 

„Растот се очекува да достигне 3,2 проценти и во 2019 и во 2020 година, поддржани пред се од пораст на инвестициите“, се вели во последниот извештај на ЕБОР.

Економијата продолжи да закрепнува после решавање на политичката криза во 2017 година. После растот од 2,7 проценти во 2018 година, стапката на раст забрза на 3,6 отсто во првата половина на 2019 година. Растот го водеше домашната побарувачка, првенствено закрепнување на инвестициите.

Стапките на вкупна и невработеност кај младите отидоа надолу, иако сепак беа високи на 18 и 35 проценти во вториот квартал на 2019 година, откако биле 21 и 48 проценти во истото тримесечје од 2018 година. 

Инфлацијата остана ниска, на еден процент во првите девет месеци од 2019. 

Решавањето на проблемот со името со Грција помогна во зајакнување на довербата на инвеститорите, што е потврдено за земјава со суверен рејтинг ББ +, на последното ажурирање на Фич во јуни годинава. 

Сепак, има тековни ризици за проекцијата. Тие главно се поврзани со одложениот почеток на пристапните преговори со ЕУ, што може да го ослабат интензитетот на реформите, а ризик е и економското забавување на Европската унија.

Годинава Косово, според ЕБОР, треба да има раст од 4 отсто, кој е повисок од нашиот, а српската и албанската економија треба да пораснат за по 3,5 отсто. Другите економии од Западен Балкан се зад нас според очекуваниот раст. 

А Народна банка денеска на прес-конференција ќе ги соопшти најновите макроекономски проекции. Показателите за новитепроекции  ќе ги презентира гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Според последната проекција на Народната банка во април растот на економијата за годинава е предвиден на 3,5 отсто. На последната седница Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка оцени дека очекува да се достигне овој раст од 3,5 отсто.

Статистичките податоци покажуваат раст на економијата во првиот квартал од 4,1 и во вториот квартал од 3,1 отсто. Народната банка оценува дека поволни движења во економијата има и во третиот квартал.

За наредната година, според последната проекција, се очекува забрзување од 3,8 отстсо и четири отсто во 2021 година.


Слично

Поврзани вести