ЕБОЛА: На скопскиот аеродром им се мери температура на сите патници
Од денеска на скопскиот аеродром „Александар Велики“ во функција е термалната камера која врши 24-часовен мониторинг и ги регистрира патниците со зголемена телесна температура.
Инсталирањето на термалната камера е дел од превентивните мерки воведени за спречување на ширењето на екстремно опасната заразна болест ебола.
Патниците со покачена телесна температура ќе бидат подложени на дополнителен преглед, а на аеродромот е издвоена и посебна просторија за карантин на потенцијално инфицираните патници.
Сепак, од Министерството за здравство смируваат - опасност за ебола во Македонија засега нема. Иако, во Грција вчера се појави паника заради првиот сомнителен случај на ебола, сепак резултатите на тестираниот пациент биле негативни. Со ова, Македонија остана во групата земји кои ниту имаат потенцијални или потврдени случаи на ебола, ниту се граничи со земји во кои се регистрирани вакви случаи.
Како превентивни мерки за граѓаните се советува: да се избегнува директен контакт со крв или телесни течности на заразени лица или предмети кои може да бидат контаминирани, да се избегнува близок контакт со диви животни и консумирање месо од диви животни во Африка или Азија, да се одржува лична хигиена и редовно да се мијат раце, лицата доколку добијат симптоми на болест додека се на патување веднаш да побараат медицинска помош, сите лица што патувале во ризичните земји веднаш по враќање во државата доколку имаат некакви симптоми, како што се треска, замор, дијареа за тоа да го информираат својот матичен лекар и да го напоменат патувањето во овие области.
Светската здравствена организација вчера прогласи меѓународна вонредна состојба заради еболата и побара од сите земји активно да се вклучат во напорите за спречување на ширењето на оваа зараза. Околу 1.000 луѓе досега починаа во Западна Африка од вирусот на ебола.
СЗО: Еболата станува меѓународна здравствена криза!
Слично
