Е ВАКА СЕ КАЗНУВА МАРКЕТ: „Кауфланд“ казнет со 300 илјади евра за непочитување на Законот за нечесни трговски практики
Агенцијата за заштита на пазарната конкуренција на Хрватска (AZTN) го казни трговскиот ланец Kaufland Hrvatska со 300 илјади евра поради тешка повреда на Законот за забрана на нечесни трговски практики во синџирот на снабдување со храна, соопшти денес регулаторната агенција.
AZTN по службена должност покрена управна постапка против Kaufland за да утврди дали компанијата ја искористила својата значајна преговарачка моќ во однос на добавувачите на земјоделски и прехранбени производи, со наметнување нечесни трговски практики.
Во постапката е утврдено дека компанијата работела со еден од добавувачите врз основа на договор со кој била договорена наплата за услуга што во моментот на плаќање нема да биде извршена, како и наплата за услуга што не била обезбедена.
Понатаму, на еден од добавувачите Kaufland му наплатил услуга за рекламирање која ја спровел сам, без изрично писмено барање од добавувачот и без плаќањето да се темели на објективни и разумни проценки. Исто така, на еден од добавувачите извршувал плаќања во рокови подолги од 30 дена за лесно расипливи земјоделски и прехранбени производи.
Поради утврдените нечесни трговски практики, AZTN изрече казна од 300.000 евра, земајќи ја предвид тежината, обемот, времетраењето и последиците од прекршувањето, како и олеснителните и отежнителните околности.
„AZTN како отежнителна околност особено ја зема предвид фактот дека на Kaufland му била изречена правосилна казна во 2020 година за слични практики... што покажува дека претходната казна не го постигнала превентивниот ефект“, наведоа од агенцијата.
Инаку, лани компанијата остварила нето добивка од 31,63 милиони евра, што е за 60% повеќе во однос на 2024 година, при раст на приходите од речиси 10%, на 881,32 милиони евра, според податоци на Fina.
Индекс.хр