ДЗС осум месеци не им исплатил хонорари на анкетарите
Осум месеци Државниот завод за статистика (ДЗС) не им исплатил хонорари на анкетарите што работат за него. Лицата што се ангажирани со договор на дело и што одат по домовите за да ги анкетираат домаќинствата, не ги добиле парите уште за декември минатата 2012 година, објави „Вест“.
За анкетата за работна сила анкетарите добиваат по 220 денари за секој анкетиран дом.
"Последен пат ни беше исплатен ноемврискиот хонорар во април. Оттогаш досега немаме добиено ниту денар. Сите овие месеци ние трошиме пари за превоз, одиме по куќи, а без пари. И порано имаше доцнење на хонорарите, за еден, два, три месеци, но како сега никогаш не било. Не ни се верува дека Заводот нема пари, затоа што службениците редовно одат по службени патишта", пишува „Вест“ цитирајќи еден од анкетарите.
Од Државниот завод за статистика им соопштиле дека „Надоместоците за анкетарите што се ангажираат за потребите на статистичките истражувања се исплаќаат сукцесивно, во зависност од динамиката на спроведување на истражувањата, анализата на квалитетот на доставените податоци и расположливите средства".
