ДЗР: Пробиени рокови, дополнителни суми, како се градеше владината фасада?
Во 2013 година Службата за општи и заеднички работи во Владата спровела постапка за реконструкција на фасадата и илуминација на објект, како и постапки за избор на стручен и проектанстки надзор. Договорите требало да се реализираат за 12 месеци, но Државниот завод за ревизија во август 2014 година, констатирал пробивање на роковите.
„По истекот на 19 месеци од воведувањето на изведувачот во работа градежните активности сеуште траат, а доставената предмер пресметка е реализирана 66%, напишале ревизорите. Дополнително, тие потенцираат дека договорот за вршење на стручниот надзор по истекот на 12 месеци е продолжен со анекс на договор, заради задоцнување на изведување на градежите активности на објектот на Владата, за непроменет обем на работа на име стурчен надзор платени се дополнителни 1.7 милиони денари. А овие трошоци, Службата за општи и заеднички работи треба да ги наплати од изведувачот по завршувањето на работите. Имајќи во предвид, пишуваат ревизорите, дека договорот за изведување на градежни работи не е во целост реализиран, односно е реализиран 66%, постои можност за негово дополнително продолжување.
При тоа ревизорите откриваат дека договорот за вршење на проектантски надзор истекол на 10.09.2014 година и не бил продолжен. Проектантот не постапувал согласно обврската од договорот за редовно да изготвува писмен извештај за извршената проверка со оцена на усогласеноста на градбата со проектната документација и услови за градење. Но, ревизијата дополнува дека со примена на ревизорски техники, констатирале дека извештаите се доставуваат по целосна реализација на градбата на објектите.
Понатаму, во 2012 година Службата за општи и заеднички работи спровела постапка за изградба на административен објект. Според склучениот договор, изведувачот се обврзал работите да ги заврши за 20 месеци, од денот на воведување во работа и согласно динамичкиот план. Изградбата на објектот не се извршува согласно утврдената динамика за градење, поради што по истекот на рокот за изградба, договорот за изведување на градежните работи е реализиран само 26%. Па така во септември 2013 година, Службата за општи и заеднички работи доставила известување до изведувачот и стручниот надзор за привремен прекин на работата за изградба на градежен објект. До периодот на време на ревизијата, не била продолжена реализацијата на договорот.
Како се одржувала хигиената?
Во истиот извештај на ДЗР, одвоено, извршен е и увид во постапката за набавка на услуги за одржување на хигиената на работни простории и дворни површини, тековно одржување на објектите, на Министерствата за период од три години.
„При тоа ревизијата констатира дека избраниот економски оператор доставил банкарска гаранција на вредноста на месечното извршување на услугата, наместо банкарска гаранција од 5% од вредноста на договорот. Но, и дека со основниот договор, Службата за општи и заедниччки работи ги има утврдено институциите кои ќе ги користат услугите предвидени со основниот договор, со дефинирана корисна површина. Во текот на реализацијата на договорот се јавува потреба од проширување на бројот на институциите, кои ќе ги користат услугите, поради што се склучени 39 анекс договори со кои е извршена промена на веќе утврдената површина на основниот договор. Дел од институциите плаќањето на трошоците го вршат самостојно, а кај дел трошоците паѓаат на товар на Службата за општи и заднички работи. Со ваков начин на реализација, се создава ризик со склучени анекс договори, да се надмине вредноста на основниот договор, потенцираат ревизорите.
На ова од Владата реагирале со став дека за конкретниот договор споменат од ревизорите ризикот се одржува во рамки на прифатливо ниво со редовни месечни проверки. А е извршена ревизија во 2014 година со посебен акцент на овој договор. Во период од три години, пишуваат од владата, претпоставена е појавата од ризик поради променети состојби на локациите на кои се наоѓаат државните органи и многуте склучени анекси кон основниот договор.
Во функција на контрола се формирани и комисии кои со мерење и увид на лице место во сите објекти направиле контрола на фактичката состојба, се вградиле измени на основниот договор со анекс со цел ризикот од несакани настани да се сведе на минимум. Исто така на месечно ниво се следи и реализацијата со посебен акцент на вредноста на склучените анекси на договорот да не ја надмине основната вредност на договорот, пишуваат од Владата до ревизорите.
Констатации
Сепак, на крајот ревизорот констатира дека наведените состојби упатуваат дека со извршениот начин на планирање, спроведување и реализација на избраниот примерок од спроведени постапки за јавни набавки, воспоставен е систем на интерни контроли кои во најголем дел овозможуваат почитување на законските одредби, со можност за зајакнување на контролните механизми при реализација на склучените договори.
С.Н.
Слично
