Џихадистите ги менуваат правилата во Шенген зоната
Франција и Германија се залагаат за итни реформи на Шенген зоната, за да се спротивстават на поголемиот број Европејци кои одат на џихад во Сирија и Ирак.
Францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнов повика за создавање на европски регистар на патниците за време на состанокот со европските колеги во Луксембург. Тој инсистира и за зајакнување на контролата на аеродромите.
Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер упати сличен повик. "Три илјади борци ја напуштиле Европа за да водат џихад и ние не сакаме Европа да стане извозник на терористи", коментира тој.
Мезиер додаде дека никој не сака борците да се вратат во Европа и да планираат терористички напади. "Имаме потреба од мерки како на национално, така и на европско ниво", посочи тој.
Според Казнов нова категорија "странски борци" треба да се додаде на листата на сомнителни лица за полицијата на европските граници. Сегашните категории вклучуваат различни криминалци и бегалци.
Шенген зоната опфаќа 26 европски земји, 22 земји членки на ЕУ, како и Норвешка, Швајцарија, Лихтенштајн и Исланд.
Во Франција е најголемата муслиманска популација во Европа и се смета дека најголемиот контингент од западните џихадисти, кои учествуваат во конфликтот во Сирија, доаѓа од оваа земја. Премиерот Мануел Валцер изјави пред пратениците минатиот месец дека околу 1.000 француски граѓани се вклучени во џихад, а околу 600 се борат во Сирија и Ирак на страната на исламистите.
Париз усвои минатиот месец нов закон за борба со тероризмот, кој овозможува да се забранат патувањата на осомничени радикалисти.
Истовремено ЕУ и САД ќе се борат заедно со интернет гигантите, вклучувајќи ги Facebook и Twitter, против екстремизмот онлајн. Се договараат и мерки за блокирање на дистрибуирањето страшни видеа на социјалните мрежи.
Министрите за внатрешни работи и претставници на ЕУ се состанаа со претставниците на технолошки фирми во Луксембург поради зголемената загриженост дека се шират исламистички материјали со апели кои ги поттикнуваат младите да се борат на страната на џихадистите во Ирак и Сирија.
Социјалните медиуми станаа моќна алатка за прибирање на џихадисти.
K.K.
Слично
