Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Џедајот се враќа“! Кој ќе ја води „Лотарија на Македонија“?

„Џедајот се враќа“! Кој ќе ја води „Лотарија на Македонија“?

Штерјо Наков, неприкосновен долгогодишен прв човек и „алфа и омега“ на гигантот „Фершпед“ се враќа во менаџерските води по пауза од неколку години. Тој и Јасмина Цветаноска ќе го засилат Одборот на директори на „Лотарија на Македонија“ во кој членува и неговиот син Драган

Штерјо Наков, долгогодишниот генерален директор и „алфа и омега“ на групацијата „Фершпед“ се враќа во менаџерските води на свои 72 години. „Лотарија на Македонија“ објави дека на претстојното акционерско собрание  заради оставката на генералниот извршен директор Митко Димов и заради измената на статутот и проширувањето на бројот на членови во Одборот на директори ќе се бираат два нови члена. Предлози за нови членови се Штерјо Наков и Јасмина Цветаноска, која досега беше член на Одборот на директори на кондиторската индустрија „Европа“.

Во Одборот на директори таткото Штерјо ќе го засили синот Драган Наков, претседател и неизвршен член на Одборот на директори. Се шпекулира дека нов извршен директор може да биде токму Јасмина Цветаноска.

Таткото и синот Накови се и во управната структура на „Фершпед“. И тоа Драган Наков е член на Управниот одбор, а негов надзор е таткото Штерјо кој е претседател на Надзорниот одбор. Штерјо Наков до пред десетина години беше најголем акционер во „Фершпед“ која најголем дел од своите акции ги подели на синовите Драган и на Сашо. 
„Фершпед“ е најголем акционер во „Лотарија на Македонија“ и контролира 58 отсто од акциите со право на глас. Се уште актуелниот генерален извршен директор Димов поседува 10,7 отсто, а компанијата во сопствен откуп чува 9,9 отсто од акциите.

Како работи „Лотарија на Македонија“?

Компанијата која беше синоним за приредување игри на среќа особено популарното лото, од пред неколку години изгуби голем дел од пазарното учество откако државата оформи државна Лотарија. Во овој период „Лотарија на Македонија“ се занимава со дејности коцкање и обложување. Друштвото има лиценци за приредување игри на среќа во три автомат клубови, а воедно е и еден од главните дистрибутери на ОНЕ (друштво за услуги од електронски комуникации).  Во последниве три години приходите на друштвото не надминуваат ниво од половина милиони евра. Добивката за 2018 година е околу 120.000 евра.

Што постигна Штерјо Наков со „Фершпед“?

Наков бил прв човек на „Фершпед“ триесетина години. Во тој период оваа компанија од мала наменска шпедиција за потребите на тогашната железница стигнала до гигант во шпедитерството со доминантна застапеност во компании од хотелиерството, производството вино, брокерските услуги и игрите на среќа, а значајно учество и во компании од шпедитерската област и кондиторската индустрија. „Фершпед“ е мнозински сопственик на еден он најреномираните хотели „Александар Палас“ со Скопје и на „Белви“ и „Метропол“ во Охрид, доминантен сопственик во „Лотарија на Македонија“ и во „Сковин“, во брокерската куќа „Фершпед брокер“, а малцински сопственик, но крупен акционер во „Европа“ и во „Макошпед“. Освен „Макошпед“ сите други аквизиции или вложувања се постигнати во времето на директорувањето на Штерјо Наков.


Р.Ф.

Слично

Поврзани вести