Џафери на трета средба со Аврамопулос
Министерот за одбрана Талат Џафери е во Атина, каде треба да оствари средба со неговиот грчки колега Димитрис Аврамопулос.
Ова е трета средба на двајцата министри откако го презедоа ресорот одбрана.Последната средба Џафери и Аврамопулос ја имаа во октомври минатата година во Брисел, на маргините на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО за мисијата ИСАФ во Авганистан. Претходно, имаа тет-а-тет средба и во Лариса, каде што присуствуваа на свечената церемонија по повод примопредавањето на должноста командант на мултинационалната бригада на Југоисточна Европа – СЕЕБРИГ.
За двете претходни средби Џафери и Аврамопулос информираа со соопштенија во кои нема многу детали за текот на политичките разговори околу клучното прашање - спорот околу името. Според соопштенијата, двајцата министри главно разговараат за реформите во одбраната, потребни за членство во НАТО, како и за регионалната соработка на воен план.
Џафери со Аврамопулос во Атина требаше да се состане во декември минатата година, но средбата беше одложена поради присуството на Аврамопулос на погребот на Нелсон Мандела. Министри на ДУИ, па дури и лидерот на партијата Али Ахмети имаат средби со високи грчки претставници, за разлика од нивните колеги од македонскиот блок.
Слично
