Џафери и Димовски успеаја да ги „трампаат“ министерските фотељи за пратенички
Досегашниот министер за одбрана Талат Џафери и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски нема да бидат во новиот владин состав, но, за утеха, во следните четири години ќе бидат пратеници во македонското Собрание.
Останатите министри кои отпаднаа од новата комбинација на Груевски ќе ја немаат ваквата можност. Досегашните први луѓе за економија Ваљон Сарачини и за правда Блерим Беџети беа на листите на ДУИ во првата и втората изборна единица, но дури на 19-тите места, што значи дека теоретски би влегле во Собранието само ако се откажат сите пред нив.
Сарачини стана министер за економија во 2011 година, а дотогаш, според неговата професионална биографија, бил директор за комуникации и маркетинг на Универзитетот Американ Колеџ – Скопје. Беџети е на партиска функција од 2006 година - најпрвин како пратеник, потоа како градоначалник на Сарај и на крај како министер за правда. Претходно имал своја адвокатска канцеларија.
Сеуште актуелниот министер за образование и наука Спиро Ристовски воопшто не беше на кандидатските листи на ВМРО ДПМНЕ за последните парламентарни избори. Ристовски е дипломиран правник, а од 2007 година постојано е на функција во Владата, на министерско или заменичко место.
Во новиот владин состав нема да биде ниту министерот без ресор Хади Незир, кадар на Демократската партија на турците. Тој е електроинженер и до 2006 година бил директор на ХЕЦ-Равен, а потоа пратеник во македонското Собрание. Од 2008 е министер без ресор во македонската Влада.
