Двојно помалку туристи од Македонија лани во Албанија
Иако Албанија практично беше единствената опција од соседството за Македонците лани да летуваат на море, бројот на туристи се преполовил во 2020. Ова го тврдат бројките на Рахман Каса, претседател на албанската туристичка унија.
Во текот на минатата година во Албанија имало 3,8 милиони странски туристи помалку, а најмногу откажувања на резервациите имало од Чесите, Полјаците и од скандинавските земји.
„По туристичкиот бум во 2019 година од 6,4 милиони посети, странските пристигнувања на туристи значително се намалија како резултат на затворањето на границите и другите рестриктивни мерки преземени под пандемијата“, вели Каса.
Податоците покажуваат дека странските посетители кои дошле во Албанија во текот на 2020 година достигнале 2,6 милиони. Од нив околу 2,2 милиони биле од Косово, иако и нивниот број паднал за 900.000.
Приливите од соседните земји и од регионот, како што се Македонија или Црна Гора, исто така, се преполовија, додека најдлабокиот пад го забележаа посетителите од Полска и Шпанија, кои надминуваат 90 отсто помалку посетители од овие земји.
