Двојно помалку пари за Македонија од прелетите во 2020
Рекордниот пад на прелети на македонското небо донеле само 7.788.066 евра наплата во 2020 од страна на М-НАВ, односно од меѓународниот Eurocontrol. Ова е објавено во годишниот извештај на друштвото зз воздухопловна навигација, а дел од оваа сума понатаму била наменета и за Агенцијата за цивилно воздухопловство.
„Управниот одбор на М-НАВ А.Д. Скопје својата работа во 2020 година ја фокусира кон континуирано превземање на мерки и активности за ублажување на катастрофалните последици од пандемијата со Covid-19 која директно го афектира воздухопловството во целина, при што М-НАВ А.Д. Скопје забележа драстичен пад на сообраќајот од 56,5% во однос на 2019 година, а со тоа и драстичен пад на реализација на вкупните приходи на Друштвото во 2020 година од 55,4% во споредба со 2019 година кое што директно се одрази и врз финансиската состојба на Друштвото“, пишува во извештајот.
Поради тоа, контролното тело, кое пријавува 302 вработени во 2020, потврдува загуба за минатата година од речиси 6 милиони евра што довело до примораност за спроведување на низа анти-кризни и рестриктивни мерки, меѓу кои и намалување на бруто платите на вработените за месеците април и мај за 30 отсто, додека за месеците од јуни до декември 2020 година за 10 проценти.
„Двата македонски аеродроми, скопскиот и охридскиот во 2020 година ги завршија со над 782.876 патници, што претставува пад од 70,9 проценти споредено со истиот период во 2019 година. Во однос на уделот на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, Wizz Air има превезено најголем број од патниците со 65,9% од пазарен удел, а потоа следуваат Turkish Airlines (7,7%), Pegasus Airlines (6%), Chair Airlines (5,7%) и Austrian Airlines (4%), додека за охридскиот аеродром Wizz Air има превезено најголем број од патниците со 88,56% од пазарниот удел, а потоа следуваат Chair Airlines (7,4%) и Edelweiss Air (3,91%)“, сумираат од М-НАВ.
Воздухопловната навигација „М-НАВ“, која секогаш може да се пофали со големи приходи, во 2020, според Министерството за финансии, е едно од самофинансирачките јавни субјекти кои ја завршиле минатата година со поголеми загуби. Приходите биле само 487 милиони, додека расходите изнесувале 845 милиони денари.
Сумата предвидена за бруто-примања на вработените во „Македонски навигации“, кои управуваат со контролата на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија, во 2021 ќе се намали за 30,1 отсто, покажа претходно финансискиот план на телото во кое општопознато е дека се доделуваат можеби највисоките просечни плати во земјата.
А.К.
