Двојни избори, ама се гласа само еднаш
Од седум часот утрово отворени се гласачките места низ цела Македонија. Се гласа на вонредните парламентарни избори и на вториот круг од претседателските избори.
Се работи за два посебни изборни циклуси, со два различни изборачки списоци. Така, на 3.480 избирачки места во земјата право на глас на претседателските избори имаат 1.779.572 избирачи, а во избирачкиот список за парламентарните избори се запишани 1.780. 128 избирачи.
На петтите по ред претседателски избори граѓаните треба да се определат за еден од двајцата кандидати кои беа најдобро пласирани во првиот круг од изборите. За претседател ќе биде избран кандидатот кој на вториот круг од изборите ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.
За место во Парламентот на осмите по ред парламентарни избори во Македонија свои листи со кандидати поднесоа 14 коалиции и политички партии. Пратениците се избираат според пропорционалниот модел во Македонија, а според мнозинскиот во дијаспората.
Иако се работи за два посебни избирачки процеси, од Државната изборна комисија ги предупредуваат граѓаните дека само еднаш можат да се појават на гласачкото место за да го остварат своето избирачко право.
Членовите на избирачките одбори се должни да му укажат на избирачот дека може да гласа за двата или само за едниот вид избори и оти подоцна нема да може дополнително да се врати на гласачкото место и да гласа, доколку претходно се определил да гласа само за еден вид избори.
Овој пат избирачите се обележувани со маркер на левиот палец во делот од средината на палецот по ивицата на подноктицата и ноктот од палецот поради забелешките дека може да се забележува обележувањето на десниот палец од изборите на 13 април.
Слично
