Двојна дневница за секој час на работа: ССМ реагира што не расправа за „недела неработен ден“
Работниците односно Сојузот на синдикати се скратени од учество во расправата за недела неработен ден на закажаната седница на Комисијата за труд и социјална политика во Собранието. Денеска ССМ регираше и побара пратениците да го земат предвид и нивниот збор и укажа дека зголемувањето на додатокот на плата за работа во недела треба да изнесува најмалку 100 проценти за секој час поминат на работа во недела.
„ССМ уште еднаш укажува дека останува на ставот дека заради спречување на злоупотреби потребно е денот на неделен одмор за исклучоците од став 3 од Предлог Законот за работните односи, да биде денот што му претходи, односно му следи на денот недела односно или саботата пред недела или понеделникот. Напоменуваме дека дури и пренесувањето на правото за само еден ден во наредната недела може да значи губење на правото на неделен одмор кој треба да се искористи во 7 дена од неделата, стои во соопштението од ССМ.
Предлагаат при прекршување на одредбите од член 134, за оние работодавачи кои ќе се осудат да работат во недела, а нема да бидат во исклучоците, забрана за вршење на работа да се донесува на целокупното работење, а не во работниот простор или работа просторија каде е утврдена неправилноста односно работата во недела.
„Нагласуваме дека казните треба да бидат сериозни за да се делува превентивно и се спречи прекршување на законот. (Досега во пракса се покажа дека вака уреденото законско решение во делот на непријавени работници член 259 од ЗРО е проблематично од причини поради тоа што работодавачот продолжува да работи во други простории со оглед на тоа што забраната се однесува само за определени работни простории, а не за целокупното работење), велат од ССМ очекувајќи овие предлози да бидат земени во предвид и да бидат вградени во текстот на Законот.
