ДВОЈЧЕ И ВЕШТЕРКИТЕ ОД ИСТВИК: Ќе успее ли да им побегне?
Каде е битолскиот градоначалник Владимир Талески? Се уште не е во домашен притвор, не доаѓа на работа во општината, а не е виден ни низ Широк Сокак. Уште во четвртокот Кривичниот суд во Скопје му одреди мерка 30 дневен домашен притвор, но решението наводно не е стасано во СВР Битола и полицијата не постапува по наредбата. Решението за притвор, тврдат од Судот, е пратено по факс, но со денови „патува“ во Битола.
Вештерките од Иствик и Џек Николсон
Кога Специјалното јавно обвинителство го обелодени случајот „Транспортер“ во кој првоосомничен е Талески, неговата првична реакција беше иронична, а глумецот на обвинителките им додели „Златна малина“ за улогите. Особено на обвинителката Фатиме Фетаи, која го образложи предметот за скапиот превоз на ученици во Битола. Талески рече дека обвинителките го потсетиле на вештерки.
„Прво мислам дека се работи за една многу лошо одглумена улога и кога почуствував на колку начини го изговара моето име и мојата функција „татко на конзулскиот град“, „градоначалник кој сега е помилуван“, за момент незнам зошто помислив на вештерките од Иствик и Џек Николсон, тоа е првичниот впечаток, а вториот поважниот впечаток е дека се работи за клевета. Јавната обвинителка која работи во СЈО треба да знае дека тоа не треба да го прави затоа што е можно да одговара по закон.“, изјави Талески.
Талески куртули за момент, оти и тој беше опфатен во „зелениот бран“ на аболирани функционери од страна на Претседателот Ѓорѓе Иванов. Но, кратко траеше радувањето, па по поништувањето на аболицијата, СЈО веднаш продолжи онаму каде што застана. Специјалното обвинителство бараше притвор за Талески, сепак Судот во Скопје одлучи градоначалникот да биде во притвор ама во некој од становите низ Битола. Иако засега наредбата од судот се уште е само на хартија, битолската полиција не постапува под изговор дека факсот од Скопје не е стасан во Битола.
Одбраната на Талески најави жалба на оваа одлука, па денеска по неа треба да одлучува Апелацискиот суд во Скопје. На социјалните мрежи се најавува како поддршка на „Двојче“ да пристигнат членови на ВМРО-ДПМНЕ од повеќе градови и да ја чекаат второстепената одлука. Во својот говор на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на партијата Никола Груевски не го заборави Талески, за кој рече дека бил човек кој работел најревносно и чесно и трипати бил изгласан од народот.
„А за тој кој јавно кажуваше дека не им доаѓа на рочишта на судиите дека нема намера да им доаѓа, за кој деновиве излегуваат сознанија дека во истиот сегмент на превозот правел вистински манипулации и незаконско и криминално работење, за него немаат барање за притвор. Замислете Владе да објавеше дека не го признава судот, или дека нема да доаѓа на рочишта, или да плаќал превоз, а превоз воопшто да немало. Што ли тогаш ќе му направеа.“, рече во роденденскиот говор Груевски.
Во случајот „Транспортер“, Талески е првоосомничен за злоупотреба на 360 илјади евра буџетски пари за превоз на ученици. Заедно со градоначалникот осомничен е и неговиот најблизок соработник Слободан Бончановски, кому куќниот притвор му беше укинат пред неколку дена. Осомничени се уште 20 лица, директори на средни и основни училишта и директори на фирмите- превозници. За ВМРО-ДПМНЕ Талески е жртва на политички прогон, а опозицијата од него бара да си поднесе оставка.
Охридскиот градоначалник Александар Петрески со лисици, „Двојче“ како господин во суд
Не беше така одамна, пред помалку од две години, кога МВР го уапси екс градоначалникот на Охрид Александар Петрески. Го фати на мамец во акцијата наречена „Јагула“, заедно со уште 15 негови соработници. Приведувањето на Петрески беше филмско - документирано со полициска камера, а на распит во судот влезе со лисици на рацете. Петрески е провосомничен во овој случај, а се товари дека заедно со останатите осомничени во периодот од 2007 до 2013 година биле инволвирани во криминални активности поврзани со местење на тендери и други кривични дела и дека на овој начин си искеширале над два милиони евра.
За Петрески немаше опција домашен притвор како неговиот колега Талески, тој беше „пикнат“ во затворот во Шутка каде остана цели пет месеци. Петрески од притвор излезе со кауција од 285 илјади евра во недвижен имот. Обвинение му беше поднесено дури една година подоцна, во ноември минатата година, а судењето се уште не е почнато.
Како ќе заврши главниот актер од „Транспортер“
Во притвор, на слобода, со кауција, на судење. Каков ли ќе биде исходот во случајот „Транспортер“ во кој глумецот Талески ја има главната улога. Во овој трилер ќе има еден победник или СЈО или битолскиот градоначалник. Во меѓувреме споредни ролји имаат судовите, првично Кривичниот, а сега и Апелација. Филмот и натаму продолжува, а крајот е неизвесен.
М.Ј.
Слично
