„Двојазична дебата“ за резолуцијата за Македонија
Остри реакции во Европскиот парламент на предлог резолуцијата на известувачот за Македонија Ричард Ховит. Особено жестока беше расправата околу одредбата во која тој изразува загриженост затоа што се помалку млади луѓе во Македонија го владеат јазикот на „другата страна“ и побара мерки за тоа да се промени.
„Кога зборуваме за двојазичноста дали тоа значи дека еден дел од населенито треба да го учи албанскиот јазик, бидејќи ако во Словачка некој ми каже дека морам да го учам унгарскиот јазик, ќе протестирам многу драматично“, изјави Едуард Кукан, известувач во сенка за Македонија од групата на Народните партии.
„Идејата да ги присилиме луѓето да го учат јазикот на другиот сметам дека е чекор предалеку. Сметам дека е предалеку на патот на мешање во внатрешните работи на една земја-кандидат, идна членка на Унијата и суверена земја, да и кажуваме кој јазик да го учат или не“, изјави Чарлс Танок, европратеник од Велика Британија.
Ховит, сепак, појасни дека во ниеден момент не мислел на воведување на двојазичност во Македонија, туку на промовирање на инклузивно двојазично образование, особено во оние општини каде на немнозинското население му е гарантирано правото да го користи својот јазик.
Тој исто така ги информираше европратениците дека не постои можност Грција да биде повикана да направи соодветен напредок во решавање на спорот околу името и македонското евроинтегрирање во текот на нејзиното претседавање со Унијата.
Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент во текот на утрешниот ден, ќе гласа за предлог-Резолуцијата за Македонија, а таа ќе се најде и на пленарна седница на Европскиот парламент идниот месец, до кога се можни измени во текстот.
Слично
