ДВЕ КОМПАНИИ САКААТ ДА ГИ ПРЕФРЛАТ ИНВЕСТИЦИИТЕ ОД УКРАИНА ВО МАКЕДОНИЈА: Деспотовски - има и други заинтересирани нови инвеститори
Две компании странски инвеститори во земјава побарале од Дирекцијата за технолошки индустриски зони (ТИРЗ) во Македонија да ги префлат капацитетите кои ги имаат во Украина, информира Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата. Станува збор за две поголеми компании во земјава, а потребата да се префрлаат објектите е поради воениот конфликт во оваа источноевропска земја. Не е дефинитивно утврдено дали тоа ќе се случи, но веќе се бараат начини како евентуално би се реализирало префрлувањето, односно се бараат локации за новите капацитети и опции за функционирањето на фирмите. Деспотовски информираше дека ако дојде до тоа, Македонија ќе направи се за да им излезе во пресрет. Иако, како што вели, не треба да се радуваме на вакви ситуации, тоа ќе значи и отворање на нови вработувања во земјава. Поради украинската криза има најави и за други вложувања од компании кои имале план да се прошируваат таму, па сега ги менуваат плановите.
„Менаџер на компанија од САД доаѓа на почетокот на април на средба овде за евентуална реализација на инвестиција во Македонија. Станува збор за сериозна компанија која сака да инвестира во овој регион. Ние имаме планови за развој на зоната во Гевгелија која ќе биде зелена зона, додека се размислува индустриската зона Скопје 3 да биде зона која ќе вклучува инвестиции од исклучиво висока технологија, изјави Деспотовски.
Тој информираше дека се чекаат податоците од годишните сметки на компаниите во зоните, но првичните сознанија се дека просечната плата исплатена таму да е повисока од просекот во државата.
Во текот на минатата година државата исплатила на име државна помош на компаниите од зоните вкупна сума од околу 732 милиони денари. Дел од парите се исплатени и предвреме откако фирмите ги исполниле условите кои биле предвидени со договорите. Иако се малку има и некои барања кои не се исплатени. Во истата година царинските ослободувања изнесуваат над 108 милиони денари, а ослободувањата по основ на даноци надминуваат над една милијарда.
Во технолошко-индустриските развојни зони во февруари е забележан раст на бројот на вработени за четири проценти и раст на извозот над 30 проценти. Според податоците, извозот во февруари достигнал 340 милиони евра што е и за 30 проценти повеќе во однос на истиот период лани и за над 36 проценти повеќе во однос на јануари годинава.
Увозот кај компаниите во зоните во вториот месец од годнава изнесувал 300 милиони евра што е пораст од 23 проценти во однос на февруари лани и над 46 проценти споредбено со јануари годинава.
Анализата покажува дека во февруари е регистрирано и високо ниво на нето извозот од 16,3 проценти.
Бројот на вработени, достигнал највисоко ниво досега. Во компаниите во ТИРЗ работат 14.430 граѓани што е за над четири проценти повеќе во однос на истиот период лани, а само во однос на јануари има пораст од два процента.
А.Т.