Две фирми ќе ги кршат копјата: Кој ќе го земе тендерот за универзален снабдувач со струја?
Тендерот со кој компании може да конкурираат на јавниот повик за избор на универзален снабдувач со електрична енергија што го распиша Владата во септември заврши.
Исходот е две фирми. ЕВН и ЕЛЕМ Трејд дадоа понуди за универзален снабдувач на домаќинствата и малите фирми кои нема да сакаат да купуваат струја од либерализираниот пазар на струја.
ЕВН понуди 14,4 проценти бруто-маржа, додека ЕЛЕМ Трејд понудила 14,9 проценти бруто-маржа.
Во чии раце ќе заврши тендерот ќе одлучи електронското наддавање со кое ќе се намалува бруто-маржата, а ќе биде избран за најповолен оној кој ќе понуди најмалку.Универзалниот снабдувач ќе биде должен да го опслужува секој корисник што нема да излезе на слободниот пазар. Односно секое домаќинство ќе може да бира од која компанија ќе купува струја за своите потреби, а ако не направи избор, тогаш струја ќе добива од универзалниот снабдувач. Клучна новина е што корисниците од т.н. ранливи категории ќе бидат заштитени од исклучување во зимските периоди поради неплатени сметки, а ќе остане и евтината тарифа за домаќинствата.
Првичните пресметки покажуваат дека на почетокот на либерализацијата на пазарот на домаќинствата нема да им се исплаќа да излезат на слободниот пазар на електрична енергија, зашто ќе треба да плаќаат повисока цена од регулираната. На малите компаниии, пак, кои сега плаќаат индустриска цена за потрошената електрична енергија ќе им биде поисплатливо да бидат на слободниот пазар, бидејќи тие сега имаат двојно повиски сметки и на некој начин субвенционираат да биде пониска центата на струјата за домаќинствата.
