Две директорски плати вреди купеното огревно дрво од „социјалците“
Социјално-ранливите
домаќинства пред почетокот на грејната сезона платиле огревно дрво од
„Македонски шуми“ во висина од само 5.000 евра на ниво на цела Македонија, вели
најновиот квартален извештај на ова јавно претпријатие за периодот од 1 јули до
30 септември.
Во овој период од социјално-загрозените семејства имало побарувања од само 760.000 милиони денари, а платиле само 316.000 денари. Вкупниот аванс што го оставиле изнесувал 50.000 денари.
Споредено, во претходниот „пролетен“ квартал од 1 април до 30 јуни, кога претходната грејна сезона е веќе завршена, социјалните групи побарале огревно дрво во вредност од 1,47 милиони денари, а платиле само 295.000 денари.
Во тековниот квартал пред зимата од „Македонски шуми“ велат дека нема повеќе залиха за маргинализираните групи за кои е „јавна тајна“ дека најладниот период од годината го поминуваат загревајќи се на разни неконвенционални начини и средства.
- Повеќе нема дрва за оваа категорија, се е потрошено - кратко ни изјавија од „Македонски шуми“. За повеќе детали, на „Фактор“ не му беше овозможен контакт со одговорно лице за повеќе детали во врска со тоа дали за купување повеќе не постои интерес од социјално-ранливите, или претпријатието не успеало да обезбеди повеќе залиха.
Според правилникот, за социјално-ранливите категории на граѓани (социјални случаи, лицата со попреченост во развојот, деца без родители, самохрани родители и стечајни работници) и семејствата на бранителите, на вработени кои останале инвалиди на трудот и вработени кои загинале при работа, кои ќе купат огревно дрво во готово им следува попуст од 10 отсто..
Социјално ранливите категории на граѓани и семејствата на бранителите можат да купуваат огревно дрво на осум и повеќе рати без попуст.
Вкупните побарувања за третиот квартал од 2018-та се 2,5 милиони евра. Правните лица фактурирале 346 милиони денари, синдикатите нарачале огревно дрво од 117 милиони, граѓаните имале потреба од кубици во вредност од 119 милиони, а пензионерите побарале огрев од 11 милиони.
Покраj „Македонски шуми“, граѓаните повеќе се насочени кон купување од приватните оператори. Генерално, огревот кај првите е поевтин, додека кај вторите задоволството е поголемо од услугата и квалитетот на самото дрво.
Александар Кузмановски