Економија, финансии, бизнис

Контакт

Двата приватни задолжителни пензиски фонда вредат половина милијарда евра!

Двата приватни задолжителни пензиски фонда вредат половина милијарда евра!
Информацијата ја потврди МАПАС, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување. Двата пензиски фонда од почетокот на годинава до крајот на септември акумулираа околу 72 милиони евра. Двата приватни задолжителни пензиски фондови располагаат со половина милијарда евра заклучно со крајот на септември – средства на идните пензионери и сегашни вработени лица во земјава. За осум години двата пензиски фонда акумулираа средства во нето износ што на крајот на минатиот месец надмина 500 милиони евра. Се поизвесно е дека двата приватни задолжителни пензиски фондови во блиска иднина ќе бидат се позначајни маркет мејкери на македонскиот пазар на хартии од вредност со кои се тргува на Македонската берза, на домашниот пазар на пари и ќе стануваат едни од најважните клиенти на деловните банки во земјава во кои ќе чуваат депозити на идните пензионери. Воедно тие ќе бидат можеби и најголеми маркет мејкери на пазарите на државни и на корпоративни обврзници. Затоа што досега најголем дел од средствата на идните пензионери двата пензиски фонда ги вложуваат во инструменти на македонскиот финансиски пазар. „Вредноста на нето средствата на двата задолжителени пензиски фондови заклучно со 30.09.2014 година изнесува 507 милиони евра“ - ова е информација што на барање на Фактор ја достави МАПАС. Во вториот пензиски столб работат две друштва за управување со задолжителни приватни пензиски фондови: „НЛБ Нов пензиски фонд“ и „КБ Прво пензиско друштво“. Двата фонда заедно на крајот на минатата година располагаа со нето средства во износ од над 435 милиони евра и имаа над 350.000 членови – идни пензионери. Неодамнa Фактор ги анкетираше експертите од двете друштва за управување со фондовите за да добие мислења за нивото на нивно инвестирање во домашни првокласни акции. Горан Мартиноски, раководител на Сектор за управување на средства во „КБ Прво пензиско друштво“ истакна дека нивото на вложувања во македонски првокласни акции е соодветно на моменталните услови на пазарот на капитал. „Ако  предвид се земат големината на фондовите и капацитетот на пазарот за апсорбирање на истите, моменталната пазарна капитализација на компаниите во кои средствата на фондовите согласно регулативата можат да бидат инвестирани, резултатите на компаниите, корпоративното управување во компаниите, односот кон малцинските акционери, ликвидноста на македонската берза и слично, може да се заклучи дека моменталната изложеност на средствата на фондовите во акции во Македонија е на ниво кое е соодветно на момeнталните услови“, објасни експертот на друштвото кое го управува поголемиот од двата приватни задолжителни пензиски фонда во земјава. Коста Ивановски, управувач со портфолија во „НЛБ Нов пензиски фонд“, пак, вели дека причните за релативно ниското учество на инвестициите во домашни акции во портфолиото на задолжителниот пензиски фонд би можеле да ги лоцираме главно во: неадекватната позиција на малцинските акционери меѓу кои се вбројуваат и пензиските фондови, од аспект на нивната можност за влијание на одлучувањето во компаниите. Потоа во недоследностите во процесите на преземање на акционерски друштва. „Иако подобрена во некои случаи, сепак недоволна транспарентност и несоодветен квалитет на известувањата кај поголемиот број котирани компании.  Наклонетост на менаџментот кон интересите на мнозинскиот акционер, но не нужно и кон интересите на малцинските акционери“, објасни Ивановски и дополни дека причина е и малата, а во некои случаи и никаква ликвидност на повеќето котирани компании. Со тоа и можностите за купување, а уште повеќе можностите за продажба на позначајни позиции кај повеќето компании се многу ограничени. „Подобри перспективи и принос прилагоден за ризик што ги нудат останатите инвестициски можности кои им се на располагање на пензиските фондови, се дополнителна причина за нивото на инвестиции во акции“, додаде Ивановски. Р.Ф.
Слично

Поврзани вести