Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДВАЈЦА ПОЛЈАЦИ НУДАТ ДА ГИ ДОКУПАТ СИТЕ АКЦИИ НА „ТАЈМИШТЕ“ - еве колку се подготвени да платат за компанијата

ДВАЈЦА ПОЛЈАЦИ НУДАТ ДА ГИ ДОКУПАТ СИТЕ АКЦИИ НА „ТАЈМИШТЕ“ - еве колку се подготвени да платат за компанијата

Полјакот Војчек Едвард Пилч, кој неодамна купи влизу 22 проценти од рудникот „Тајмиште“ во Кичево, сега, заедно со уште еден негов деловен партнер, исто така полски државјанин, планираат да ја дооткупат целата компанија од сите преостанати акционери. За акциите тој има намера да плати по 970 денари.

„Согласно член 22, став 1 од Законот за преземање на акционерските друштва, ве известуваме дека Војчек Едвард ПилЧ, застапуван од адвокат Бранко Колев и Јацек Бигосински, застапуван од адвокат Бранко Колев, имаат намера да дадат понуда за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од Тајмиште АД Кичево. Преземачите се обврзуваат да ги откупат сите обични акции со право на глас по цена од 970 денари за една акција“, се вели во понудата која пред неколку дена беше испратена до акционерите, а за што известија и преку Македонската берза.

Потоа и компанијата преку ценовно чувствителна информација до Берзата информираше дека примиле известување од Војчек Едвард Пилч и Јацек Бигосински, кои имаат намера да дадат понуда за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од АД Тајмиште Кичево.

Последното тргување со акции на оваа компанија, кое всушност е и единствено во текот на оваа година, е направено на 3 август годинава, кога всушност беа продадени 5.764 акции, и тоа токму по цена која сега Пилц им ја нуди на сите акционери, односно 970 денари по акција. Всушност тогаш овие акции ги купи полскиот државјанин Пилц, и тоа од Марија Толеска, која повеќе не е акционер во компанијата, а нејзиниот процент акции од 21,88 отсто сега му припаѓаат на Пилч. Инаку, тогаш Пилч платил за акциите 5,6 милиони денари или близу 91 илјада евра.

Ако се оди по логиката дека Пилч поседува 5.764 акции од компанијата, како и дека ова акционерско друштво има вкупно 26.341 акција, значи дека Пилч и Бигосински сакаат да докупат уште 20.577 акции, под услов да сакаат да ги продадат сите акционери. Доколку за нив се плати цена од 970 денари по акција колку што се нуди, тоа значи дека двајцата Полјаци се подготвени да платат близу 20 милиони денари, или точно 19,96 милиони, односно 325 илјади евра.

Инаку, на крајот на септември Фактор веќе пишуваше дека полскиот државјанин Војчек Едвард Пилч, планира да ја смени целата раководна постава во компанијата, а тој ќе биде назначен за претседател на Одборот на директори.Промените во управната структура на „Тајмиште“ треба да се случат на 29 октомври, за кога е свикано вонредно Собрание на акционерите.

Инаку, со последна состојба, најголем акционер во рудникот е Владимир Толески, кој поседува 28,5 отсто од акциите. Втор по големина акционер е Наташа Толеска, која располага со 21,98 од акциите. И, речиси сосема сличен процент поседува Војчек Едвард Пилц, кој располага со 21,88 отсто од акциите во компанијата.

Инаку, за претстојното Собрание на акционери, првата предлог одлука за која ќе се гласа е да се отповикаат сегашните членови на Одборот на директори и тоа Горан Донески, Владимир Толески, Петре Митрејчески, Слободан Станкоски, како и Зоран Никодиноски. За нови членови на Одборот на директори се предлага да се изберат Роберт Василкоски, извршен член, потоа самиот Војчек Пилч, за неизвршен член, како и Јацек Бигосински, двајцата од Полска, Слободан Станковски, како и Димитар Павлески.

И, како предлог одлука е ставена и избор на претседател на Одбор на директори, место на кое ќе дојде Војчек Едвард Пилч, а тој ќе биде избран и за претседавач на вонредното собрание на друштвото.

Основни дејности на „Тајмиште“ Кичево се рударски услуги, и тоа транспорт, ископ, дупчење и минирање, потоа производство на жичани производи, и тоа жичано плетиво, истегнат метал и браварија, како и угостителски услуги, односно Хотел Кичево и Куќа на уметноста.  

Инаку, „Тајмиште“ во 2018 година имало добивка од само 1.800 евра, но затоа во 2019 година прави голема загуба од 672 илјади евра, за таа дополнително да порасне на 694 илјади евра.Загуба друштвото регистрирало и во првото полугодие од 2020 година, и таа изнесува околу 18 илјади евра, што е многу помалку од истиот период лани, кога минусот бил на ниво од 131 илјади евра.

Дали новото раковоство предводено од Полјакот ќе ја крене на нозе компанијата, останува да се види во наредниот период.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести