Двајца лекари од Италија ќе оперираат во Државната кардиохирургија
Владата преговара со двајца врвни кардиохирурзи од Италија, кои ќе работат на обука на лекарскиот тим што ќе биде ангажиран во Државната кардиохирургија што ќе се основа.
Преговорите се во завршна фаза - едниот од лекарите ќе биде постојано во Македонија во наредните две години додека се обучат македонските лекари, а другиот ќе доаѓа неколкупати во годината зависно од договореното, откри премиерот Никола Груевски.
„Двајцата ќе бидат носители на обуката на нашите лекари и нормално и самите тие ќе извршуваат операции заедно со нашите лекари во првите две години. Исто така во комуникација сме и со Градската болница во Цирих со која што разговараме за можноста таа на некој начин да биде ментор на Државната кардиохирургија. Тоа подразбира постојано да има нивни тимови лекари, сестри, болничари и цел потребен персонал за кардиохируршки операции, кои би се менувале на неколку месеци и би обучуле што повеќе тимови во Македонија“, изјави Груевски.
Според него, отворањето на Државната кардиохирургија ќе донесе развој на кардиохиругијата, ќе овозможи конкуренција, но и продуцирање нови стручни лица во оваа област.За таа цел и на Медицинскиот факултет во Скопје ќе биде отворена Катедра по кардиохирургија. Опремата за новата болница ќе чини 106 милиони денари и веќе е започната постапка за нејзина набавка.