Два оператори доминантни во носење странски туристи во Македонија и добивање субвенции
Tуристичките оператори - турскиот „Corendon“ и англиско-германскиот TUI преку своите македонски застапници Охрид Холидејс и Фибула Ер Травел се компаниите кои заедно добиле 84 отсто од исплатените субвенции за носење на странски туристи во Македонија.
Првата компанија зафаќа 49 отсто, а втората 35 проценти од структурата на исплатени субвенции која во 2018 опфаќа вкупна сума од 73,3 милиони денари, односно 33 отсто повеќе од една година претходно, пишува во годишниот извештај на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.
Инаку до Комисијата за субвенционирање на странски организиран туристички промет од TUI и Corendon во текот на ланскиот мај пристигнало и известување дека ги повлекуваат сите жалби и тужби за донесените решенија од 2017 година за одбиените барања за субвенции. Останатите добитници делат само 16 отсто а тоа се полскиот Рего Бис, понатаму Томас Кук, Генерал Турист, ХФР Турс, итн. Вкупните барања за субвенции биле безмалку 1.000 на број.
Во 2018 година на јавниот оглас беа пријавени 48 апликанти од разни здруженија,
невладини организации, општини, физички и правни лица за финансиска поддршка за препознатливи културни, забавни, спортски, гастрономски и еколошки манифестации. Според критерумите, финансиска поддршка добиле 25 апликанти.
Најголем број на ноќевања оствариле туристите од Турција (166.629), но обично остануваат само еден ден. Најдолго се задржуваат Холанѓаните, кои ги имало 27.918 и оствариле 136.663 ноќевања. По број на ноќевања блиску се и Полјаците со над 126 илјади и Србите со над 100 илјади. Најголем пораст на ноќевања во однос на една година претходно бележат Полјаците со 73 отсто, Хрватите со 52,6 проценти, Финците со 41%, Белгијци 35%, Германци 33%, Словенци 32% и Косовци со 31%. Вкупниот број на ноќевања на странски туристи е зголемен за 15 отсто.
Посетата на брендот macedonia-timeless.com, чие име мораше да биде интервентно променето годинава по реакција од Грција и во согласност со Преспанскиот договор, е зголемена со кампањи во Израел, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Полска, Романија, Шведска, Албанија, Естонија, Турција и Косово.
Oчекувањата на Агенцијата за туризам за 2019та година се посета на нашата земја од 1,3
милиони туристи кои ќе остварат близу 4 милиони ноќевања и пораст на девизниот прилив по ставка туризам.
А.К.
