Душко Арсовски, МТВ: Харикири држава
Македонија пропушти историска шанса да го сузбие генетскиот код на самоуништување кој упорно не дозволува да мрднеме од место. Бранко и компанија одат на бојкот на локалните избори, Груевски и неговите ќе трчаат сами против себе. Губат и едните и другите. Со својата харикири одлука СДСМ ќе го загуби она локално влијание што суверено го држи со години во неколкуте општини. За да го одржи „кодот“ Стевчо Јакимовски отиде против своите и сепак одлучи да бие битка за Карпош. ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери нема да добијат ништо и кога ќе ги добијат изборите. На сите идни градоначлници и советници ќе им виси над глава легитимитетот, оти победиле без реален противник, што не е демократски дострел.
На крајот губиме сите зашто е извесно дека евро и НАТО интеграциите, во ваква ситуација, ќе бидат под мраз. Ќе отиде уште една година во неврат, што за комплицирано општетство како македонското склоно на повремени тензии од секаков вид, е дополнително уназадување. Кога дипломати тврдат дека се создадени услови за напредок во спорот со Грција, несфатливо самоушништувачко е да се креира политичка криза дома. И повторно, по кој знае кој пат енергијата ќе се троши на непотребни нешта. Не гледам разврска на јазолот оти и двете главни политички опции се заплеткаа толку многу што ќе ја потхрануваат кризата за да не ги разочараат своите слепи партиски следбеници. Колку и да се обидуваат Груевски и Црвенковски да ни продаваат принципиелност, не верувам во тоа. Овде се работи за гол магарешки инает што е далеку од разумот и од потребата на едно демократско општетство.
Непринципиелно и самоубиствено беше што СДСМ го одби предлогот анкетна комисија да ги расчистува валканиците од 24 декември. Исто колку што е самоубиствена ароганцијата со која владејачката партија ги одби сите предлози на опозицијата за надминување на кризата. Згора на се’ мнозинството во Собранието наместо да ја смири ситуацијата, провоцираше со измените во Деловникот без дебата додека СДСМ е надвор од институциите. И редовно преку отровни соопштенија испраќаше куп квалификации на адреса на противниците, што апсолутно не е начин да се реши политичката криза. Затоа и не може да се амнестира од одговорност за целата ситуација, исто колку што не може и опозицијата.
Нема друго објаснување на целата ситуација освен дека се работи за политички струи кои живеат хранејќи се така што им ја земаат енергијата на граѓаните. Затоа ми се чини дека на претстојните избори ќе има рекорден број неопределени гласачи изморени од секојдневниот притисок на Грујо и Бранко и чекајќи подобро утре. Ќе биде ирелевантно дали и кога ќе има предвремени парламентарни избори зашто победата за едните или другите ќе биде заверена од малцинство граѓани.
Душко Арсовски, уредник во МТВ
Фактор Ви ги претставува мислењата на македонските новинари во однос на претстојните локални избори. Не мора да значи дека ставовите на новинарите ја одразуваат уредувачката политика на Фактор, но и сега и во иднина ќе правиме се овие ставови да бидат достапни за нашата читателската публика, како придонес во развојот на економската и политичка дебата.
Слично
