Дури 40.000 работат на црно во Црна Гора, од нив повеќето се Македонци и Срби
Според неофицијалните податоци на црногорските синдикати, околу 40.000 луѓе работат на црно или без договор за работа во оваа земја. Појавата е најизразена токму сега, за време на летната туристичка сезона, кога во централниот и приморскиот дел на Црна Гора работа бараат сиромашни луѓе од северните делови на земјата, но и многумина од земјите од регионот.
Надлежните велат дека се свесни за овој факт и за негативните последици што проблемот ги носи за црногорската економија. На „црно“ се работи во трговијата, угостителските објекти, но и во здравствените, просветните дејности, како и во физичките работи на градежните објекти. Неретко се случува токму на градилиштата во несреќа да загине човек ангажиран без договор за работа.
И додека угостителите велат дека се принудени за работни места што никој не ги сака (келнери, готвачи и чистачи) да вработуваат работници од земјите од регионот, особено од Србија и Македонија, Црногорците сметаат дека причината е друга. Тие веруваат дека работодавачите ангажираат македонски и српски работници за да си обезбедат поевтина работна сила и да го избегнат плаќањето на даноци и придонеси.
Унијата на слободни синдикати на Црна Гора предупредува на економските последици од работата на „црно“, особено за социјалните фондови, пензискиот и здравствениот, но и за државниот буџет.
Црногорскиот министер за труд Предраг Бошковиќ изјави дека Црна Гора во процесот на пристапување кон ЕУ треба да изработи закони кои ќе ги штитат работничките права на најдобар можен начин.
Слично
