Дуќанџии од Битола ќе протестираат на премиерата на „До Балчак“
Дуќанџиите од Старата битолска чаршија денеска се заканија со тужби и протести на денот на премиерата на македонскиот филм „До Балчак“, која ќе се одржи в недела во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“, објави ТВ Тера.
Тие се револтирани затоа што за време на снимањето на филмот во летото 2012 година, нивните дуќани една недела беа затворени, но и две години подоцна не им е исплатен ниту денар отштета од продуцентската куќа.
Според договорите што ги склучиле, продукцијата се обврзала да ги обесштети сопствениците веднаш по повлекувањето на екипата од Старата битолска чаршија. Дуќанџиите велат дека в недела, на денот на премерата на филмот, пред Центарот за култура во Битола ќе протестираат заедно со своите семејства.
Финансиските проблеми на продукцијата на фимот „До Балчак“ се познати, велат од Филмскиот фонд на Македонија. Невозможно е државата да издвои дополнителни средства за долговите што настанале кон различни доверители.
Токму заради тоа, правата за прикажување на филмот ги презел Фондот, а парите што ќе се инкасираат, ќе се слеваат на посебна жиро сметка. Со нив ќе бидат обесштетени сите правни и физички лица на кои продукцијата им останала должна, велат од Филмскиот фонд на Македонија.
Слично
