ДУИНГ БИЗНИС 2015: Македонија едно место повисоко од лани
Македонија е рангирана на 30-то место во најновиот извештај „Дуинг бизнис“ на Светска банка според леснотијата за водење бизнис. Ова претставува искачување за едно место, со оглед на тоа што лани беше на 31-то место.
„Македонија го олесни започнувањето бизнис, правејќи ја електронската регистрацијата бесплатна. Исто така, ја зајакна заштитата на малцинските инвеститори преку барање претходен преглед на трансакциите со поврзаната страна од надворешен ревизор. Понатаму, го олесни решавањето на неликвидноста преку воспоставување рамка за електронска аукција на средствата на должникот, рационализација и намалување на временската рамка на процедурите за неликвидност и формирање рамка за вонсудско стечајно преструктурирање“, стои во извештајот.
Во документот се прави и мерење за т.н. „оддалеченост од границата“, односно се мери како секоја економија котира во однос на најдобрите глобални практики. На скала од 0 до 100, 0 претставува најслаба оценка, а 100 претставува граница, Македонија е оценета со 74,1, што претставува подобрување од 1,4 процентни бодови од претходниот извештај. Ова е поважна мерка за напредок од рангирањето, бидејќи не влијае на релативните резултати на другите земји.
Извештајот забележува дека пред 10 години, за започнување нов бизнис на претприемач во Македонија му требаа 48 дена, а денес, тој процес може да биде завршен за 2 дена.
На врвот на глобалното рангирање за леснотијата за водење бизнис се наоѓа Сингапур, а меѓу првите се и Нов Зеланд, Хонг Конг, Кина, Данска, Јужна Кореја, Норвешка, САД, Обединетото Кралство, Финска и Австралија.
„Дуинг бизнис“ утврдува дека 85 проценти од економиите во Европа и Централна Азија имплементирале барем една регулаторна реформа со цел олеснување на водење бизнис за локалните претприемачи во 2013/14 година, што преставува поголем процент од другите региони.
Целиот извештај прочитајте го на следниот ЛИНК.
Слично
