ДУИ закажа тематски конгрес за крајот на месецот
За 28 и 29 март во Скопје е закажан Тематскиот конгрес Демократската унија за интеграција (ДУИ), соопшти денеска шефот на кабинетот на претседателот на партијата и пратеник Артан Груби.
- Почитувајќи ја волјата на делегатите, како и Одлуката од третиот изборен Конгрес, претседателот на ДУИ, Али Ахмети ги определи датумите 28 и 29 март за одржувањето на тематскиот конгрес во Скопје – изјави на денешната прес-конференција Груби.
На Конгресот, делагатите ќе можат да ги следат презентациите на гостите на три дополнителни панели посветени на евроатлантските интеграции и на доборсоседството, добро владеење и консензуална демократија и економски развој и социјална благосостојба.
- Првиот панел ќе се однесува на евроатлантските интегративни прашања, како и односите со соседите, додека нивното учество како презентери го потврдија веќе поранешниот американски дипломат, Даниел Сервер, поранешниот амбасадор на НАТО Хансјорг Еифф, поранешниот Амбасадор на ЕУ, Ерван Фуере, поранешниот грчки амбасадор во Скопје и Вашингтон, Александрос Малиас – изјави Груби.
