Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДУИ си организираше паралелен отчет за 100 дена Влада

ДУИ си организираше паралелен отчет за 100 дена Влада
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска на пресконференција информираше за проектите спроведени во првите 100 дена од работата на новиот владин состав. Иако викендов тоа со целиот владин состав тоа го направи премиерот Никола Груевски, сега вицепремиерот Муса Џафери паралелно во јавноста ги изнесе проектите кои биле важни за оваа партија. „За време на овие 100 дена реализирани се повеќе од 100 проекти, додека повеќе од 500 други проекти започнале со реализација. Еден дел од овие проекти се во општините каде што претежно живеат Албанци“, рече Џафери, на пресконференцијата во партиските простории. Тој се пофали дека продолжиле со политиките за приближување на Македонија кон НАТО и ЕУ, се ангажирале за решавање на спорот околу името со Грција, како и за целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор. „Постојано работиме во насока на подобрување на правичната и соодветна застапеност како и спроведување на други политики кои што извираат од овој мировен документ. Државните институции започнаа да изготвуваат годишни планови за правична и застапеност според новиот Закон на државни и јавни службеници“, рече Џафери. Во делот на економскиот развој, во фокусот на партијата било намалувањето на невработеноста и отворањето на нови работни места. „Во ова насока се превземени конкретни мерки за привлекување на странски инвеститори и создадовме услови во слободните економски зони. За време на овие три месеци, инвестиравме во три економски зони и тоа во Струга, Тетово и Кичево. Некои странски компании почнале со инвестиции во овие зони, а некои други се очекува да дојдат и да инвестираат во Република Македонија, односно во овие три зони и најавиле неколку стотици вработувања: (италијанска компанија во Тетово, американска компанија во Кичево и германска компанија во Струга)“, рече тој. Во инфраструктурните проекти, ДУИ го наведува започнувањето на изградбата на автопатот Кичево – Струга - Охрид во износ од 374 милиони евра, како и патните правци Опае-Белановци-Станчич, Липково - Арачиново, влезот во општина Кичево, Ваксинце - Лојане и с. Октиси - Велешта. „Ние сме за високо квалитетно образование.  Започна примената на наставната програма според Кембриџ. Во текот на овие 100 дена заврши изградбата или се реновирани некои средни и основни училишта.  Изградени се три нови училишта: Основно училиште во село Синичане-општина Боговиње,  Училиштето „26 Јули„ - Шуто Оризари во Скопје и ОУ „Пашко Васа„ во село Мерово, општина Желино“, рече Џафери. Реконструкцијата на Албанскиот театар во Скопје, почетокот на изградба на Театарот и Библиотеката на Тетово, и втората фаза од проектот за изградба на Плоштадот Скендербег се наведуваат како главни проекти од областа на културата. „Ова е само почеток. Овие се само неколку од проектите кои се во платформата на ДУИ, односно во Заедничката програмата на Владата. Сето тоа што сме го напишале и ветиле во Нашата изборна платформа е остварливо и до крај на нашиот мандат ќе ја оправдаме дадената доверба“, рече Џафери.
Слично

Поврзани вести