Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДУИ чека да освои политички „Капиталец“

ДУИ чека да освои политички „Капиталец“
Можно ли е посетата на американскиот заменик помошник државен секретар задолжен за Европа Хојт Брајан Ји на земјава да има одлучувачко влијание врз тоа дали пролетва Македонија ќе има двојно изборно соочување. Нешто што се наметна како еден вид политичка неминовност во последните десетина дена.
„Каква и да е одлуката што ќе ја донесе Владата, САД се надеваат дека тоа ќе биде одлука која ќе ги унапреди македонските цели за евроинтеграција, за прогрес на напорите за влез во НАТО и ЕУ. Се разбира, изборите треба да бидат слободни и фер, согласно меѓународните стандарди“, изјави Брајан Ји веднаш по средбата со премиерот Никола Груевски вчера рано навечер.
Откако целиот ден го помина во средби со државниот врв, но и со политичките првенци кај нас. И, во ситуација кога гласно се шпекулираше дека ДУИ чека сигнал од средбата што нивниот лидер ја имаше со високиот американски функционер, но и од онаа со првиот човек на Директоратот за проширување Кристијан Даниелсон, најавена за неколку дена, поточно во првата недела на февруари. Немаше никакви разговори за името, беше првичната реакција од владејачката албанска партија за едночасовната средба на Ахмети во американската амбасада. Спротивно, разговорите биле фокусирани првенствено на интеграциските процеси и името. Челникот на ДУИ инсистирал дека сега е вистинското време за сериозно вклучување на меѓународната заедница, предводена од САД, затоа што, како што рекол, страните се многу блиску до решение на спорот со оглед на тоа дека последниот предлог на посредникот Нимиц го содржи името Македонија и не го загрозува ниту идентитетот ниту јазикот на македонската заедница. И, дополнил дека, компромисот помеѓу двете страни може да се постигне само ако меѓународната заедница ги седне на преговарачка маса што поскоро, велат од ДУИ. Капиталец - улов на спикерското место на Вељановски? Но, токму двете средби се поклопуваат со тајмингот што раководството на “интегративците“ им го даде на министрите и другите државни функционери да приготват анализа за досега сработеното во претходните нешто помалку од три години од актуелниот мандат, дали се остварува политчкиот договор, владината и партиската програма, по што во Мала Речица ќе пресечат дали ќе дадат зелено светло за предвремен избори. Ако се суди според ефектот од главното предизборно ветување – евроатлантските интеграции, кои се практично хибернирани, тогаш логиката вели, дека во владејачката албанска партија ќе кренат раце од се и ќе попуштат под притисокот – за предвремени парламентарни избори. Но, од друга страна – фактот дека во септември е самитот во НАТО, а еден изборен циклус ги стопира работите најмалку 3-4 месеци, тогаш не останува многу време за делување да се премости главниот проблем кој го спречува членството во Алијансата – решението на деценискиот спор со Грција. На што како conditio sine qua non, колку да не се заборави, вчера потсети и генералниот секретар Расмусен. Шпекулациите во политичките кулоари одат и дотаму – дека сето ова е претстава од ДУИ за што подобар политички “улов“ во коалициските пазарења, во кој “капиталец“ би бил некоја од најмоќните државни позиции – некој спомена претседателското место во Парламентот. Затоа што, преку својот портпарол Бујар Османи, од владејачката албанска партија упатија порака дека тие во секое време се подготвени за избори, а рејтингот што го имаат апсолутно им оди во прилог нив да ги има заедно со претседателските. За политичките аналитичари, двете прашања доминирале во посетата на високопозиционираниот претставник на Стејт Департментот кај нас, иако првично погледнато поради дипломатскиот вокабулар, тоа така не изгледа.
“Американскиот заменик помошник секретар е дојден од две причини. Првата се можните предвремени избори. И, иако тој лично негирал дека САД би се мешале во такви прашања, а за тоа одлучуваат политичките партии, сепак, сметам дека тие не би биле индиферентни, ако имаат став дека од нив (изборите) интерес има само група луѓе од власта“, изјави за Фактор универзитетскиот професор Мерсел Биљали.
Според кого, за Вашингтон не е прифатливо, овде од старт да има нерамноправни услови за изборен мегдан. И, во кој опозицијата би била поразена на, недемократски начин, со медиумски манипилации, условувања, закани, уцени. И, второ, разговарано е за процесот за името, во кој за очекување е САД да бидат вклучени поинтензивно во наредните месеци. Останува да се види, проценува Биљали дали на ДУИ и се дадени некакви насоки за тоа што да поддржи на претстојните претседателски избори. Ф.З.
Слично

Поврзани вести