Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДУИ бара предвремени избори, ВМРО-ДПМНЕ на конвенција

ДУИ бара предвремени избори, ВМРО-ДПМНЕ на конвенција
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска до Собранието ќе ја достави иницијативата за распуштање на овој состав на законодавниот дом и распишување предвремени парламентарни избори. Пратеничката група на партијата на Ахмети најави дека иницијативата ќе ја достави во 11 часот. Во исто време, нивниот коалициски партнер во власта ВМРО-ДПМНЕ ќе ја започне конвенцијата за избор на кандидат за претседател. Во опција се четири имиња: aктуелниот претседател Ѓорге Иванов, екс државниот јавен обвинител Ставре Џиков, професорот Јове Кекеновски и магистерот Божидар Ночев. Сите четворица пред вкупно 1.300 делегати на конвенцијата ќе ги изложат своите програми, а потоа од нив ќе ја побараат довербата за да тргнат во изборна трка. Најсериозен кандидат е Иванов, кој доби поддршка од повеќе истакнати членови на партиското раководство. Премиерот и лидер на партијата Никола Груевски јавно не застана зад ниту еден од кандидатите. Иако има можност да го предложи својот кандидат со поддршка од 30 пратеници во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ сепак ќе бара поддршка од 10.000 граѓани за избраниот кандидат на конвенцијата. Потписите за негова кандидатура очекуваат да се соберат до крајот на денешниот ден. Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа до доцна во ноќта расправаше дали да ја поддржи иницијативата на ДУИ за предвремени избори. Претходно, партискиот врв заседаваше заедно со претседателите на помалите партии кои ја сочинуваат предизборната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ. Од нив, како што изјави Амди Бајрам, ВМРО-ДПМНЕ доби„слобода“ да донесе одлука каква што смета дека е најдобра. Според првичните неофицијални информации, ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе прифати предвремени парламентарни избори, а одлуката за распуштање на Парламентот би требало да биде донесена најдоцна до среда. Предвремените парламентарни избори би се одржале заедно со вториот круг од претседателските избори.
Слично

Поврзани вести