Економија, финансии, бизнис

Контакт

Дубаи може да остане без свежа храна за 10 дена: Војната на Блискиот Исток ги погодува глобалните синџири на снабдување

Дубаи може да остане без свежа храна за 10 дена: Војната на Блискиот Исток ги погодува глобалните синџири на снабдување

Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток веќе почнува да создава сериозни проблеми во глобалните транспортни и логистички синџири. Според експертите, доколку нарушувањата продолжат, Дубаи би можел да се соочи со недостиг од свежи прехранбени производи за само десет дена.

Ова го изјави Стефан Пол, извршен директор на еден од најголемите светски логистички оператори Kühne+Nagel, кој предупреди дека војната значително го намалува капацитетот за транспорт на стоки.

Според проценките на логистичките компании, поради затворањето на дел од воздушниот простор и безбедносните ризици во регионот, околу 18 проценти од светскиот капацитет за воздушен карго транспорт во моментов не е достапен.

Најпогодени се производите со краток рок на траење – свежо овошје, зеленчук, млечни производи и други лесно расипливи намирници, кои бараат постојано и брзо снабдување.

Дубаи, и покрај тоа што е еден од најголемите трговски центри во светот, е силно зависен од увоз на храна. Поради климатските услови, во Обединетите Арапски Емирати 80 до 90 проценти од храната се увезува од странство.

Најголемиот дел од свежите производи пристигнуваат со авион од Европа, Африка и азиските земји, па секое нарушување во воздушниот транспорт може брзо да доведе до намалување на залихите.

Покрај воздушниот, под притисок е и морскиот транспорт во Персискиот Залив, каде што безбедносните ризици и воените операции ги отежнуваат транспортните рути.

Властите во Дубаи во меѓувреме ги повикаа граѓаните да ги чуваат фискалните сметки од купувањата, бидејќи тие можат да послужат како доказ доколку се појават неоправдани поскапувања на храната.

Некои жители веќе пријавиле дека цените на овошјето и зеленчукот во последните денови се зголемиле за 20 до 30 проценти.

И покрај тоа, властите уверуваат дека синџирот на снабдување со храна засега останува стабилен, а цените редовно се следат за да се спречат шпекулативни поскапувања.


Слично

Поврзани вести