ДС: Списокот не е исчистен, Вељановски да не ги распишува изборите
Од Демократскиот сојуз сметаат дека ДИК не го прочистила избирачкиот список, затоа што имаше околу 300.000 спорни гласачи.
Демократскиот сојуз очекува Државната изборна комисија денеска да ја информира јавноста дали има услови за избори или не.
„Со вкрстените проверки ниту еден фантомски гласач не е отстранет од избирачкиот список, туку за тоа треба управна постапка, а иста е состојбата и за тие што се иселиле од Македонија, како и ново креираните гласачи. Демократскиот сојуз го повикува Трајко Вељаноски да не ги распишува изборите. Наместо избори, Трајко Вељаноски треба да го прифати барањето на пратениците и да свика вонредна седница на Парламентот“ - реагираат од ДС.
Со одлагање на изборите и свикување седница на Парламентот ќе се создадат услови за институционално да се отворат сите прашања сврзани со изборите, како и за самоволието на Ѓорге Иванов, додаваат од партијата.
