ДС: Граѓаните, експертите, партиите очекуваат да се случи пресврт
Од Демократскиот сојуз велат дека граѓаните, експертската јавност, големиот број на граѓански асоцијации, медиумите и опозициските партии, очекуваат денес да се случи пресврт и од утре со забрзано темпо да се спроведат реформи за создавање минимум предуслови за избори.
Од партијата сметаат дека и понатаму е неизвесно дали Викторија Нуланд, ќе бара да се ослободат институциите од партиските стеги, дали ќе ги „охрабри" генераторите на кризата да се повлечат од политичката сцена, дали ќе ја поддржи идејата за формирање посебно судско одделение кое ќе постапува по предлозите на СЈО и дали ќе инсистира на брзи избори.
„Демократскиот сојуз ги повикува сите партии да ги надминат личните и партиските интереси и да прифатат Македонија да биде една изборна единица, како, наведуваат, битен предуслов за демократизација на државата и јакнење на одговорноста на функционерите, посебно на премиерот. ДС предлага и кривична одговорност на партиите кои од позиција на власт го штитат криминалот на партиското водство, кое учествува во грабежот на граѓаните и ги загрозува перспективите на државата“ - реагираат од партијата.
Од Демократски сојуз сметаат дека се погрешни тезите на странските посредници кои оставаат кризата да ја разрешат носители на високи државни и партиски функции, а кои неодамна се најдоа на списокот за аболиција поради сомненија за вклученост во тежок криминал.
