Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДС бара одлагање на изборите и формирање експертска Влада

ДС бара одлагање на изборите и формирање експертска Влада

Демократскиот сојуз повикува на единство, разумен и одговорен пристап кон градење на излезни решенија од севкупната криза во која западна Македонија.

„Наместо да чекаме „странците" да нудат договори и ни ги разрешуваат нашите проблеми, предлагаме сите одговорни луѓе да седнат на маса и утврдат Платформа за излез од кризата која го блокира целокупниот систем, евроинтеграциските процеси, создава економска нестабилност и го нарушува нормалното одвивање на животот. ДС предлага, свикување на седница на Парламентот и одлагање на изборите, со што ќе се создадат услови за избор на експертска Влада, а не политичка“ - велат од ДС.

Од партијата сметаат дека мандаторот треба да биде кандидат со високи професионални и демократски капацитет, без партиски багаж, кој ќе има слобода, да го формира Владиниот кабинет од професионалци, а министрите самостојно да ги формираат своите тимови (државни секретари, помошници, директори итн.). Експертската Влада да има мандат да ги разреши круцијалните прашања како воспоставување на уставни механизми (промени на Уставот) и гаранции дека никогаш повеќе не ќе може да се етаблира авторитарна власт каква што денес имаме и која е основна причина за кризата. Никогаш да не се повтори еден човек – една партија – една власт.

Бараат обезбедување на основни предуслови за утврдување на политичка и кривичноправна одговорност за сите што со злоупотреба на довербата на граѓаните ја вовлекоа Македонија во длабока криза, ја ограбија и предизвикаа иселување на креативните и стручни кадри.

„Реформа на судскиот систем преку рекомпонирање на Судскиот совет и реизбор на судиите и формирање на судски Оддел кој ќе постапува по обвиненија на СЈО. Реформи на безбедносниот систем и деблокада на институциите со јасна одговорност за тие што ќе ги кочат реформите, како и целосна деполитизација и департизација на државните институции и администрацијата. Реформи во медиумите и утврдување на правила за објективно, избалансирано и правично информирање“- додаваат во соопштението.

Понатаму, Македонија да биде една изборна единица, како основа за демонтажа на еднопартискиот систем. ДС се залага за  целосна деблокада на евроатланските процеси, преку спроведување на препораките на ЕУ и заклучоците од експертскиот Извештај на Прибе. Бараат обезбедување на економска стабилност и создавање на амбиент за нови инвестиции, работни места и запирање на процесот на иселување на креативните кадри во странство. Прифаќање на бројните идеи од граѓанскиот сектор, кој прераснува во движечка сила на промените и правдата во Македонија“.

Демократскиот сојуз повикува на политички дијалог, и бара претседателот  Ѓорге Иванов, да ја повлече аболицијата за креаторите на кризата и да влијае на смирување на состојбите.

Слично

Поврзани вести