Државниот испит го помина првото читање во Собрание
И покрај несогласувањата и јавните повици до Владата да даде уште простор за договор меѓу сите засегнати страни сепак Собранието денес со 71 глас „ЗА“ и 8 „ПРОТИВ“ даде зелено светло за предлог – законот за реформи во високото образование во прво читање, и заклучи дека ваквите измени се прифатливи и може да се дадат на понатамошно читање.
„Главната измена се предвидува со воведување државен испит со кој ќе се обезбеди механизам за подигнување на квалитетот на високото образование и механизам кој ќе овозможи ниту еден студент да не излезе од образовниот процес без задоволително ниво на знаење. Државниот испит нема да важи за актуелните студенти и прв пат ќе се применува од академската 2016/2017 година, а за втор циклус од академската 2017/2018 година“, истакна министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми.
Државниот испит ќе го реализира Одборот за акредитација и евалуација на високото образование чии членови ќе ги избира основачот на државните универзитети во Македонија., а прашањата кои ќе се полагаат ќе бидат јавно достапни и однапред познати. Целта според министерот е да се мотивираат студентите да научат.
Тој посочи дека сите забелешки во првото читање на Предлог законот внимателно ќе се анализираат и оти во законското решение ќе бидат вградени сите кои ќе го подигнат квалитетот на текстот.
Државниот испит студентот ќе го полага по завршување на втората студиска година, но може и порано доколку студентот има положено најмалку 50 отсдто од вкупниот број на предмети предвидени за конкретната студиска програма и на крајот на завршната година на студии, пред одбрана на дипломската работа, доколку студиската програма предвидува изработка и одбрана на дипломска работа. Државниот испит ќе се полага на крајот на февруари, април, август и ноември, само еднаш во кварталот на академската година.
Студентите запишани на втор циклус на студии државниот испит го полагат на крајот на последната студиска година.
Првите две полагања на државниот испит за студенти се бесплатни. Доколку студентот не успее да го положи државниот испит двапати по ред, наредните пријавувања за полагање се на товар на студентот, и тоа за трет пат 1.000,00 денари, за четврт пат 6.000,00 денари и за секое наредно пријавување 12.000,00 денари.
Државниот испит за студенти содржи пет прашања од секој од задолжителните и изборните предмети. Прашањата се со различна тежина со четири понудени решенија, од кои едното е точен одговор.
Со измените се предвидува студиски програми од трет циклус на студии да можат да организираат само универзитетите кои се меѓу првите пет рангирани универзитети и високообразовни установи во состав на универзитетите (факултети и уметнички академии), запишани во регистарот на високообразовни установи во државата, утврдени во последното рангирање, а ректор и декан може да бидат и странски државјани.
Пратениците Лилјана Поповска од ДОМ и Павле Трајанов од ДС побараа да има подолга јавна расправа пред донесување на измените на Законот за високо образование за да се согледаат и барањата на студентите и професорите.
Беким Фазлиу од ДПА побара да има државен испит, но, како што рече, не за студентите, туку за политичарите, министрите, градоначалниците и другите функционери.
Слично
