Државната каса е во добра кондиција тврди Ставрески
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески државната каса е во добра кондиција. Приходната и расходната страна се во рамки на планираното и засега нема потреба од ребаланс на Буџетот.
- Буџетот е во рамки на планираните параметри. Исплатата на субвенции за тутун секогаш повлекува повисоки расходи на Буџетот, меѓутоа во текот на останатиот дел од годината ќе има помали расходи, така што засега бројките не бараат никакви пресметки за ребаланс. Доколку има потреба во иднина, како и секоја година, ќе се пристапи кон ребаланс, но засега и приходната и расходната страна се во рамки на планираното, изјави Ставрески.
Ваква состојба и во следните месеци очекува Ставрески, бидејќи, според него, добро е што со завршувањето на изборите се враќаме на нормалното извршување на функциите и за приватниот сектор најдобро е кога има подолгорочна предвидливост на политиките.
- Сега приватниот сектор го има тоа, односно знае дека и натаму Македонија ќе има најниски даноци, висок износ за инвестиции од Буџетот и сето тоа создава добар амбиент за економскиот раст да се оствари во рамки на предвидувањата, а со тоа и Буџетот да биде во рамки на планираните големини, рече Ставрески.
Според објавените податоци на Министерството за финансии приходите во буџетот во март 2014 изнесувале 11,226 милиони денри, а расходите 14,794 милиони денари.
Слично
