Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државна корупција или легитимна политичка битка: Избори се ближат, лопати се нижат!

Државна корупција или легитимна политичка битка: Избори се ближат, лопати се нижат!
Во земја во која се живее од избори до избори, лопатите се лајт мотив на политичката живеачка. Како ќе биде годинава? Ќе преброиме во март! Локалните избори се распишани. Официјалната кампања за регрутирање на гласачи почнува на 4 ти март. Неофицијалната – веќе е во полн ек. Градоначалниците ја почнаа сезоната на прошетки низ  зелените пазари, меѓу тезгите. Весниците стануваат претесни за огласи за вработување. Администрацијата чека абер за повисоки плати. Пензионерите сакаат да бидат почастени со уште некј ден плус за гратис возење во новите автобуси. Моторџиите добија поевтин зелен картон. Па дури и охисовци добија една од 16 те неисплатени плати. 11 ти јануари, денот кога собранискиот спикер Трајко Вељановски ги распиша мартовските локални избори,  навестува “плодна“ кампања. Медиумите објавија: платите на докторите се зголемуваат, Кисела Вода доби Зелен Пазар, нови 260 рамковни вработувања. Но, изборниот законик е јасен. Рекламите и рекламирањето на активностите на власта, без разлика дали е централна или локална, мора да запрат на денот кога се распишуваат избори. Во член 84 а од Изборниот законик пишува  дека “Од денот на донесувањето на одлука за распишување на изборите се до денот на завршувањето на изборите, државните органи и органите на општините и на градот Скопје не смеат да објавуваат реклами финансирани од Буџетот на Република Македонија, односно од буџетите на општините и на градот Скопје.“ Во истиот тој Изборен законик, законодавецот предвидува дека треба да запре и дополнителното финансирање на вонредна исплата на плати, пензии , социјална помош, односно се она што значи “механизам“ за придобивање и купување на гласачи со народни пари. Ова се разбира се однесува и на локалните власти. Нови вработувања – нови гласачи? Сепак, паралелно со распишаните избори Секретаријатот за рамковен Договор  објави оглас за вработување на нови 260 административци. Се бараат советници за општи работи, раководители и помошници раководители на разни сектори, виши и помлади референти, координатори, стратези. Заинтересираните за вработување во државниот апарат  имаат рок од 8 дена за да се пријават. Тајмингот на објавување на овие огласи  легитимно ги отвора прашањата: дали овие нови вработувања ќе се прокнижат и како “нови“ гласови за претстојните локални избори? Дали ова е показател дека  државната машинерија  веќе е активирана во функција на партиска цел за освојување или задржување на власта? Во исто време, дента кога беа објавени изборите дневните весници се преплавени со огласи за вработувања во градинки и училишта, општински институции, катастар... Постапката за новите вработувања е почната пред избори, а изборот на кандидатите и нивното појавување на работа ќе се случи – постизборно. Овој и досега практикуван модел, ја постигнува целта со креирање на амбиент дека  државата вработува, а стотици лица се на чекор до решение за работно место во државни јасли. Во исто време Централната Власт објави понуда до социјално загрозените, да се пријават на огласот на Министеството за земјоделство. Мега-оглас за издавање на земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање на социјално необезбедени лица. Понудата важи во 21 општина а на располагање се огласени 745 хектари. Избори се ближат. Што покажува досегашното „предизборно“ искуство? На предвремените парламентарни избори, во  2011 та година државата распиша оглас за 434 вработувања во јавната администрација. Државната комисија за спречување на корупцијата жестоко реагираше и предупреди  дека бара запирање на процесот. “Државната комисија за спречување на корупцијата во овие укажувања, бара да се запре постапувањето по ваквите огласи и во оние случаи каде што конкурсот е распишан пред 15. април 2011 година, постапката да продолжи по изборот на нова влада “ – изјави тогашниот прв човек на антикорупциска Воислав Зафировски. Владата тврдеше дека не станува збор за нови вработувања, туку за реизбор на наставници и соработници во постојните институции. И покрај ова образложение, Антикорупциска тогаш предупреди дека Законот не познава категорија “реизбор“. Два месеци пред предвремените изборите се објави и оглас за вработување на 140 советници во македонските судови низ земјава. На 5 ти април судовите се наполнија со кандидати. Дел од новите работни места беа таксани за советници кои немаат работно искуство и за правници без правосуден испит. Тогашниот претседателот на Врховниот Суд, Јово Вангеловски тогаш изјави дека политичката определба не е кртериум за избор на идните советници. “Нема да има влијание, особено не во Врховниот суд. Ова е акутен проблем на судството и затоа е неопходно да се вработува“- тврди  Вангеловски. По парламентарните избори 2006 та ВМРО ДПМНЕ и ДПА, по преземањето на власта од СДСМ објавија чистка на “предизборните“ вработувања. Сегашната власт, по победата  на изборите  најави операција за проверка на 5 800 тини вработувања, што според нив , се спровеле во предизборие. Новото владеачко мнозинство на ВМРО – ДПМНЕ и ДПА им наложи на државните институции да решат што ќе прават со новопримените, што според нив, биле ангажирани пред изборите. Тогаш, новата власт тврдеше дека станува збор за вработувања во Јавните  Претпријатија “Македонски шуми “, “Македонски Пошти“ и во здравството. Саботажа на буџетот Регрутирањето на нови и задржувањето на посечките гласачи со пари на сите граѓани, а во името на партијата желна за моќ и власт, е модел што премолчено го применува секоја владеачка гарнитура. Ставајќи ги во предност партиските интереси се саботираше економската оправданост и потреба од новите административци, оние  што ќе чекаат плата од буџетот. Но, бројките не можат да ја скријат релноста во која полека, но сигурно од година во година се  ’гризе“ буџетот. Речиси 400 милиони евра, пари на граѓаните и на стопанството на годишно ниво завршуваат за финансирање на платите на админситрацијата. Втора димензија на сите овие ’предизборни“ вработувања е партизацијата односно професионалноста на државниот апарат. Сите досегашни Извештаи на Европската Унија за напредокот на Македонија, речиси без исклучок, праќаа порака до власта, која и да е, ако му мисли добро на стопанството и на граѓаните, да ги тргне рацете од аминистрацијата. Ќе запрат ли „непланираните“ јавни набавки“ ? Ќе се запре ли со јавните набави, анексите на договорите и склучување  на бизнис-зделки во четири очи во предизборниот процес? Според Законот за јавни набавки, секоја институција со почетокот на календарската година прави план за спроведување на јавните набавки. Но, проблемот се токму “непланираните“ трошења на буџетските и општинските пари. Деновиве стотици милиони евра завршија токму за надградба и доградба на зградите од прокетот “Скопје 2014 “ и сите преку “склучување на договор во постапка без претходно обавување на оглас“. Овој принцип веќе го применуваат и дел од општините во земјава. Ваквиот начин на спроведување на јавните набавки  легитимно го отвара прашањето за сомнеж во мотивираноста и на овие  трошања. Антикорупциска: итно да запрат рекламите и црвените ленти! Да нема лопати на нови објекти, да се запре со финасирање на реклами од буџетски и општински пари. Државната Комисија за спречување на корупција потсети на правилата што треба да обезбедат фер изборна игра. - Не можат да се користат буџетски средства и пари од буџетите на општините и градот Скопје, од јавни фондови и средства на јавни претпријатија и јавни установи или правни лица што располагаат со државен капитал, освен ако тоа поинаку не е утврдено со друг закон - Не може да започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација, училишта, градинки, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот Но, дали ваквите укажувања ќе бидат доволни, особено ако се знае дека кредибилноста на оваа антикорупциска комисија е сериозно начната, е дополнителен проблем. Во земја во која се живее од избори до избори, лопатите се лајт мотив на политичката живеачка. Како ќе биде годинава? Ќе преброиме во март! Анета Додевска
Слично

Поврзани вести