Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДРЖАВЕН ИСПИТ: обид за контрола врз академската заедница?!

ДРЖАВЕН ИСПИТ: обид за контрола врз академската заедница?!
Новиот предлог закон за воведување на државен испит е  крајно деструктивен  и има за цел партиско-политичка контрола во  високото образование, а посебно на некои факултети-оценува универзитетскиот професор Ристо Малчески. Според него, ова е само манипулативна постапка со која надлежните сакаат да го девалвираат вистинскиот труд на професорите. “Со овие предлози таканаречените надлежни сами себе се девалвираат, бидејќи истите покажуваат колку не знаат. Меѓутоа, нешто неприметно ни се случува во предлогот. Имено, и покрај уставно загарантираната автономија на високото образование во предлогот децидно стои дека академските студии на прв циклус ќе траат 4 години, а на втор циклус 2 години. Ова е обид за продолжување на студиите, што повеќе би рекол е политичка мерка, која после две три години треба да резултира со намален притисок за вработување и секако ќе даде манипулативен резултат за успешните политики во борба против невработеноста”-вели проф. Малчески. Тој потенцира дека  упадот е незамислив и дека ова е обид за контрола на академската заедница, што ќе значи партиска контрола на целото општество, што според него  е крајна  цел на власта. Ова, додава  нема никаква врска со квалитет, како што впрочем, вели  немаат и сите претходно наметнати решенија. “Оваа акција трае веќе подолго време, при што прв видлив чекор беше скратување на средствата за наука. Вториот чекор беше нестручните и несоодветни преводи на универзитетски учебници од наводно најдобри универзитети и законско наложување дека мора да се работи според тие книги, при што никој не кажува дека тоа се книги од издавачки куќи и никој, ама баш никој на запад не се дрзнува на професор да му наложи според која книга ќе предава. Во контекст на ова недостасува само уште да се забранат или запалат книгите од македонските автори, постапка која веќе се прави со учебниците во основното образование и која е срамна. Третиот видлив чекор е овој страмен испит, кој како што реков е замислен од нестручни и недоволно образование луѓе, дел од кои неколку пати неуспешно се обидоа да се стекнат со научни титули. Но, како што реков, упадот е сеопфатен и тоа со таканаречената академија за наставници, предлог законот за наставници и слично, при што истите во старт генерираат уставна нееднаквост на граѓаните, на пример, просек 7 за една и просек 8 за друга група наставници, што само по себе е страшно”-аргументира професорот Малчески. Шангајската листа не е репер Според него,  покрај серијата предлози, сами  по себе  проблем се и   предлог измените кои предвидуваат докторски студии да може да се запишат само на петте најдобро рангирани факултети по Шангајската листа. “Проблемот е многу поголем, бидејќи рангирањето е неквалитетно, што покажува дека универзитет со 7 професори и 17 асистенти, на кој се реализираат најмалку 15 програми е петторангиран и тоа со 100 бода по основ на настава. Ова е надвор од сите образовни стандарди и партизација на високото образование, бидејќи само необразовани луѓе можат да си дозволат ваков фалсификат, во кој една партиска забава се прогласува за квалитетна високообразовна установа. Квазиреформите предвидуваат 6 труда во меѓународни списанија или 1 труд на SCI листа за ментор на магистерски работи. Што ова значи не треба да се говори, бидејќи веќе постојат критериуми за избор на наставници. Имено, како тоа професор ќе биде компетентен за настава, но нема да биде компететнтен за ментор на магистерска. Па магистерската е само еден предмет, кој не е ништо позначаен од, на пример, предметот Медологија на научно истражувачка работа-потенцира проф. Малчески. Дебатите кои ги најавија надлежните, додава  се проформа,  со кои на манипулативен начин ќе се направи обид да се донесат овие закони. “Замислете Бирото за развој на образование да дава мислење за студиска програма за наставничките факултети? Со која компетентност? Ова е како луѓе со основно образование да прават програми за основно и средно образование, што е ништо повеќе туку обид на некогашните просечни студенти да го контролираат општеството. Дополнителен проблем се предметите кои не се изучуваат на наставничките факултети, како за нив ќе се обезбедат исти услови. Дали ова значи дека лицата кои изведуваат настава ќе бидат во две категории, едни ќе се школуваат по предложениот закон, а други ќе се собираат на улица”-додава проф. Малчевски. Предлог -законот за високо образование  со кој се предвидува воведување на државен  испит според надлежните  ќе придонесе за унапредување на квалитетот на високо образовниот систем и нема да ја наруши универзитетската автономија. Пленумот ќе продолжи со активностите Според студентите пак   освен тоа што во предлог-концептот и во неколку изјави на претставниците на извршната власт беше потенцирано дека таквата автономија ќе биде зачувана, досега не беа понудени никакви аргументи како тоа ќе биде сторено. Впрочем, велат, такви аргументи не е ни возможно да се понудат, поради фактот што загрозувањето на уставно-загарантираната автономија е сосема јасно. “Досега Пленумот понуди сеопфатна суштествена аргументација за тоа зошто самиот државен испит би довел до грубо кршење на универзитетската автономија.Токму од тие причини, ценам дека воопшто не треба да се навлегува во натамошните технички прашања за тоа како испитот да биде спроведен, туку цврсто да се остане на ставот дека до негово спроведување не смее да дојде. Поддршката која Пленумот како едно движење ја добива постојано расте, така што, таа поддршка ќе биде во секој случај искористена при идните активности”-вели Константин Битраков од Студентскиот пленум. Според Битраков, начинот на кој овие измени се предложуваат  е несоодветен на една земја во која демократијата е установена како основна вредност. “Власта одбива да ја слушне сопствената младина, а токму поради тоа ние ќе продолжиме со активностите со цел допирање до властите кои крупните одлуки би требало да ги носи во консултација со самите сопствени граѓани”-потенцира Константин Битраков-студент на Правниот факултет и член на Студентскиот пленум. Честите законски измени- пад на квалитетот во високото образование! Според дел од академската заедница Министерството за образование и наука нема изградено конзистентна визија за високообразовниот процес во државата и од тие причини секојдневно донесува одлуки кои не се темелени на анализа која ќе утврди дали се исполнети условите за нивна реализација. Досега многупати во јаноста експертската јавност и академската заедница посочуваше дека ако се анализира Законот за високото образование и безбројните измени и дополнувања на овој закон, може да се констатира дека поголем дел од неговите одредби воопшто не се реализирани од страна на Министерството за образование и наука. Според експертите, ако со екстерното оценување надлежните планираат  да го  унапредат  квалитетот на образовниот процес, прво што треба да направат  е да обезбедат  увид во постоечките состојби преку  надворешна евалуација. Без неа, сметаат, не може да се знае што  е она што треба да се унапреди во образовниот процес, што е она што се покажало како добро и треба да се поддржува. Според  Марија Ташева, пензиониран професор по социологија, најголемиот број од забелешките  досега одеа во насока на работата на Одборот за акредитација и евалуација, кој според неа  сеуште не е оспособен да ја спроведе надворешната евалуација. Оттука, вели,  се поставува прашањето како ќе се справува со екстерно тестирање на илјадници студиски програми. “Отсуството на вклучување на Министерството за образование и наука во меѓународните истражувања во доменот на високото образование е голем проблем. Од друга страна бараат воведување на европски методологии и стандарди во обликувањето на студиските програми и воопшто, во планирањето на образовниот процес.Ќе ги споменам отсуството на континуирано планирање на високообразовниот процес и науката преку четири годишните програми за образование и наука – такви програми не се донесуваат,  неконституирањето на Советот за финансирање кој треба да предложи критериуми за финансирање на јавните високообразовни установи – нема критериуми за финансирање, необезбедувањето услови да започне постапката на надворешна евалуација која му е доделена како обврска на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование – кој и после четири години од конституирањето нема обезбедено услови за нејзино спроведување”-вели проф. Марија Ташева. Според извештајот за ефектите од Болоња процесот “The European Higher Education Area in 2012: the Bologna process implementation raport”, покрај Белорусија и Косово, Македонија досега  не дала податоци за спроведената анкета. С.Б.
Слично

Поврзани вести