Државата нема да преговара со странските инвеститори за повисоки плати на вработените
Директорот на Дирекцијата за технолошко – индустриските развојни зони, Виктор Мизо рече дека државата нема да бара повисоки плати за вработените од странските инвеститори.
Тој рече дека државата не можела да ги контролира платите на вработените во индустриските зони, но рече дека тие би биле повисоки и од македонскиот просек.
,,Платите државата не може да ги контролира. Цената на трудот ја креира пазарот. И нормално двете страни треба да најдат сума која е задоволителна за двете страни – и на работодавачот и на работникот. Но, ако гледате од аспект на платите во компаниите кои работат во ТИРЗ-овите, како „Техникал текстајлс“ во однос на платите во Штип, тие плати се повисоки не само од минималната плата, туку и повисоки од просекот во таква или слична индустрија. Дури и повисоки од просекот во производствениот сектор во Македонија. На странските компании многу поважна им е продуктивноста'' - тврди Мизо.
Ова го изјави денеска, при промоција на новата странска инвестиција на „Техникал текстајл“ во Штип. Во објавените огласи за вработување во оваа копманија беше понудена плата од 10 000 денари.
