Државата ќе земе 1.500 евра дивиденда од нејзините акции во „Прилепска пиварница“
„Прилепска пиварница“ ќе исплати 95.496 денари дивиденда на Министерството за финансии за 621 приоритетна акција односно по 154 денари за секоја акција - вака одлучи акционерското собрание на Прилепска пиварница на 26 мај. Државата е единствениот акционер што ќе земе дивиденда од акциите што ги поседува во единствената пиварница во земјава што е во доминантна сопственост на повеќе домашни акционери.
Акционерското собрание одлучи дека 107,11 милиони денари (околу 1,74 милиони евра) добивка остварена лани ќе остане како нераспределена и ќе биде префрлена во акумулирана добивка на ова прилепско акционерско друштво. Тоа значи дека, според евиденцијата на Централниот депозитар за хартии од вредност (ЦДХВ), ниту еден од 155 домашни физички лица кои поседуваат 82,2 отсто од акциите со право на глaс нема да добијат дел од добивката што компанијата ја оствари лани. Истото важи и за 42 странски акционери (фирми и физички лица) кои поседуваат вкупно 16,8 отсто од акции.
Во акционерската структура убедливо доминира, според официјалните податоци на ЦДХВ, Кирил Самарџиоски со 68,45 отсто од акциите. Тој ја врши функцијата претседател на Управниот одбор на компанијата. Втор по големина домашен акционер е неговиот син Сашко Самарџиоски кој поседува 5,1 отсто од акциите, а воедно е генерален директор на таа компанија. Останатите 153 домашни физички лица делат 8,65 отсто од акциите со право на глас во „Прилепската пиварница“.
Според официјалната евиденција од странците кои поседуваат акции таму најголем акционер е „Хрватска поштенска банка“ која поседува 6,75 отсто од обичните акции. Странски инвеститори таму поседуваат 16,8 отсто од акциите, а нивниот број е 43 правни и физички лица.
„Прилепска пиварница“ е една од успешните македонски компании која на пазарот е позиционирана преку продажба на неколку пива од кои најпопуларен е „Златен даб“. Воедно продава и палета од безалкохолни освежителни пијалоци. Таа компанија е основана во 1924 година. Лани, според официјалните податоци компанијата имаше добивка од 107,18 милиони денари, во 2012 година добивката изнесувала 101,3 милиони денари, а во 2011 година профитот на компанијата бил над 85 милиони денари.
Р.Ф.
