Државата должи фантастични 13 милиони евра на приватните пензиски фондови!
Државниот фонд им должи на приватните пензиски фондови. Спроед информациите на Фактор, долгот на Фондот за ПИОМ кон двата приватни пензиски фондови е околу 13 милиони евра.
Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) доцни со уплатата на парите, што како процент од придонесите одат во задолжителните приватни пензиски фондови.
Ова за емисијата „Економски магазин“ на Алсат-М го потврдија од НЛБ Нов Пензиски Фонд, но посочуваат дека граѓаните не треба да бидат загрижени затоа што иако парите не се пристигнати кај нив, сепак тие ги регистрираат на сметките на членовите веднаш штом ќе добијат информација дека работодавачот им ги уплатил придонесите.
„Ние имаме побарувања од државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигуривање, по основ на неисплатени придонеси до задолжителниот пензиски фонд. И во врска со таквите задоцнувања ние веќе неколку пати имаме покренато иницијативи, нормално прво до Фондот за пензиско инвалидско осигурување со цел да го детектираме проблемот, изјави Мира Шекутковска од НЛБ Нов Пензиски Фонд, за Економски магазин на Алсат-М.
Шекутковска додава дека проблемот за оваа состојба е се поголемата зависност на државниот фонд од парите што ги добива од државниот буџет.
„Дефицитот во државиот пензиски фонд го забавува редовното уплатување на средствата кон задолжителните приватни пензиски фондови. Сме имале средби и сме разговарале со цел ваквите проблеми да се надминат. Тоа се факти во моментов. И, претпоставувам дека до крајот на годината ќе останеме со некое салдо на побарување во однос на Фондот за пензиско инвалидско осигурување, вели Шекутковска.
Таа појаснува дека од економски акспект гледано проблемот е што задолжителните приватни пензиски фондови ненавремено ги добиваат парите и губиме во делот на инвестирањето на тие средства.
„Но, системот е така поставен што ние кога ќе ја добиеме информацијата дека за некој наш член е уплатен придонесот ние ги распоредуваме на нивната индивидуална сметка без разлика што не сме ги добиле средствата. Но недобивањето на средствата практично значи неможност тие да бидат инвестирани и оплодувани“, изјави Шекутковска.
Претходно пак, весникот „Слободен печат“ објави писмен документ од кој се гледа дека од другиот приватен пензиски фонд, КБ Прво пензиско друштво веќе писмено се обратиле до сите надлежни институции со кое бара придонесите на да бидат навремено уплаќани.
„Со оглед на горенаведеното, Друштвото изразува загриженост за нередовниот пренос на придонесите од Фондот на ПИОМ на сметка на задолжителниот пензиски фонд, при што ова не само што претставува отстапување од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, туку за последица има скратување на периодот на оплодување на подоцна пристигнатите придонеси, а тоа има негативно влијание на состојбата на сметките на сите членови на задолжителниот пензиски фонд, што може да биде основа за поведување и соодветни судски постапки пред надлежните судови во Република Македонија од оштетените членови на пензискиот фонд“, пишува во писмото потпишано од Јанко Тренковски, генерален директор на КБ Прво пензиско друштво, а кое го објави весниккот „Слободен печат“
Расте зависноста на ПИОМ од државниот буџет
Од година во година се зголемува буџетската дупка во Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување.Според анализата на Институтот за економски истражувања “Finance think”, во 2008 година буџетската дупка на ПИОМ била околу 160 милиони евра, додека лани дефицитот е зголемен и изнесува 372 милиони евра. Токму ова го отвара прашањето за одржливоста на фондот и дали во иднина пензионерите може да ссе соочат со проблем при исплатата на пензиите?
„Дефицитот во Пензискиот фонд континуриано расте во изминатите години, со забрзан интензитет од 2008 година. Делумно овој раст се должи на исплатите кон вториот столб. На 80 проценти од дефицитот во пензискиот фонд се покрива преку средства од Буџетот на РМ. Истовремено бројот на осигуреници во однос на бројот на пензионери не се зголемува . Во 2014-та година за секој еден пензионер работеле 1,8 осигуреници.а во најава се и мерки за откуп на стаж,со што бројот на пензионери ќе расте, а соодносот осигуреник/пензионер ќе се намалува.На среден рок веројатно ќе бидат потребни структурни промени за пензискиот фонд да биде одржлив. Ние и идните генерации треба сериозно да размислуваме колкава ќе биде нашата пензијата и кога ќе се пензионираме. Приходите во фондот за пензиско и инвалидско осигурување се главно се главно по две основи,редовните извори од придонеси за плата и Буџетот на РМ. Редовните придонеси за плата ги плаќаат лицата кои се во тековен работен однос, а приходите во Буџетот повторно ги плаќаат тековните генерации.Покрај тековните генерации, буџетскиот дефицит ќе го плаќаат и идните генерации, вели Благица Петрески, извршен директор на Институтот за економски истражувања “Finance think”.
Анализите покажуваат дека транферите од Буџетот годинава достигнаа 43% од вкупниот буџет на ПИОМ, со што расте зависноста на овој фонд од парите во државната каса, а во 2012 годинаизнесувале 37,2 проценти.
Од друга страна според Петрески и зголемувањето на пензиите е нерационално и не е во корелација со економскиот раст.
„Пензиите се зголемуваат со повисока стапка на раст од домашната економија. Растот на економијата во тековната и изминатат година е околу 3 %, додека растот на пензиите е 5 %, што го надминува капацитетот на економијата. Ваквиот “неусогласен тренд“, започнал во периодот после 2008 година, кога покрај еднократното зголемување на пензиите. Скоро сите редовни усогласувања на пензиите се поголеми од растот на економијата. До 2008 година, економијата во просек растела за 31, %, а пензиите за 2,9 проценти, додека после 2008 година, економијата растела во просек 2,4 проценти додека пензиите повеќе од двојно,6,5%. Дополнително во услови на ниска стапка на инфлација, скоро нула, не постојат притисоци за намалување на животниот стандард како резултат на зголемени трошоци на живот. Оттука, зголемувањето на пензиите е поголемо и од потребата за усогласување со трошоците на живот. Често зголемувањата на пензиите се оправдуваат со изреката дека “новите генерации живеат од пензионерите, пензионерите се тие што го одржуваат стандардот “, но кој ги плаќа издатоците за пензии? Тековните и идните генерации ги плаќаат зголемувањата на пензиите, вели Петрески.
Од друга страна според Владата предвиденото зголемување од 5% за наредната година ќе го подобри стандардот на пензионерите и ќе ја подобри нивната социјална и материјална сигурност.
Р.Ф.
Слично
