Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државно акционерско друштво стравува од долговите кон деловните домашни банки

Државно акционерско друштво стравува од долговите кон деловните домашни банки

Продадената зграда на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор му помогна на ова претпријатие во државна сопственост да ги намали долговите кон деловните банки, но наплатата на побарувањата што ги има, а при тоа тешко успева да ги реализира, се зголемиле минатата година. Интерната ревизија на поранешенниот ПУИК за 2020 покажува дека судските постапки за наплата кај должниците се зголемиле од 1,1 милијарда денари во 2019 на 1,147 милијарди денари лани, или 18,7 милиони евра.

Владата го купи административниот центар на АДСДП за околу 10 милиони евра на крајот на 2020, а потоа зградата се искористи за седиште на Министерството за политички систем и неколку други институции. Овие пари, покажува извештајот, претпријатието ги искористило да ги подмири обврските кон деловните домашни банки, но од друга страна нема подобрување на својата наплата од изградбата на комерцијални станови, изнајмувањето на социјалните станови, менаџирањето со катните гаражи и преостанатите дејности со кои стопанисува

Во 2020 година друштвото било задолжено со четири кредити кон три деловни банки на износ поголем од 20-тина милиони евра. Кон едната домашна банка кредитот со парите од Владата бил подмирен целосно пет години пред истекот на рокот, благодарение на купопродажбата. За една година биле вратени 522 милиони денари кон оваа банка, но остануваат ратите и каматите кон другите кредитори. АДСДП дополнително е задолжено со позајмици кај Министерството за финансии кои за една година се зголемиле од 12,33 на 15,45 милиони евра.

„Со оглед на тоа што Друштвото во 2020 година ја заврши со добивка значително поголема од претходните 2019 и 2018 година , потребно е да го задржи тој тренд на зголемување на добивката преку зголемување на приходите и намалување на трошоците од работењето како не би дошло до финансирање со кредити од Банки. 

Останува потребата од претпазливост околу задолжувањето со кредити од Банки обезбедени со хипотеки во недвижен имот , при што постои ризик бидејќи Банките се во позиција да имаат право да го присилат Друштвото да продава средства за да им ја плати каматата , доколку не постојат расположиви средства од други извори“, предупредува внатрешната ревизија.

АДСДП во 2020 оствари вкупни приходи во износ од 1.316.959.228 денари, или околу 21,5 милиони евра со добивка од 430.000 евра. Прикажаните приходи од сопственото работење се зголемиле за три пати, благодарение на продажбата на административната зграда и истите се зголемиле за околу 5 милиони евра повеќе од планираното на годишно ниво.

„Приходите од изградба бележат зголемување во поглед на планот и тоа се должи од продажбата на Административниот објект“, се заклучува во ревизијата.

Задолженоста кај деловните домашни банки и кај Министерството за финансии сега е намалена од 1,691 милијарди на 1,352 милијарди денари.

А.К.


Слично

Поврзани вести