Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државни и здравствени установи имаат агрегати за струја стари и по 20 години, нови нема да се набавуваат

Државни и здравствени установи имаат агрегати за струја стари и по 20 години, нови нема да се набавуваат

Дел од агрегатите кои ги користат државните институции како системи за резервно и неприкинато напојување со електрична енергија се поставени во седумдесетите години, тврдат познавачи за Фактор. Дел од нив биле нефункционални, а евентуалниот прекин на напојувањето особено за здравствените институции може да е страшен. Фактор анализира каква е опремата за резервно напојување во државните институции. Информациите од Министерството за здравство сепак не ги добивме, а и покрај неколкудневните обиди, оттаму не одговорија на прашањата. Додека експертите велат дека повеќе од нужно е да се направи модернизација на оваа опрема, од здравство не најдоа потреба да потврдат дали во Јавните здравствени установи особено онаму каде што се вршат хируршки интервенции, а каде е најважно да ги има, сепак поставиле агрегати или се уште ги користат старите, инсталирани пред години. Од Службата за општи и заеднички работи за Фактор велат дека повеќето од системите, иако се поставени пред можеби и 15 години, сепак се во функција, но во нив не се опфатени тие во здравствените установи.Инаку агрегатте се димензионирани за работа од 10 до 15 години и со правилно одржување немаат пробелми во тој период.

Според информации од службата, агрегатот што е поставен во Владата е инсталиран во 2004 година, во објектот НИП Нова Македонија каде се сместени неколку министерства има агрегат којшто е произведен во 1982, а кој е превземен со превземањето на објектот. Агрегатот во вилата Водно 1 е од 2010 година, во објектите Вила Водно 2 и 3 инсталациите се од 2015 година и истите, според СОЗР се во функција. Оттаму додаваат дека има агрегати и во објектот на Комерцијална банка на Плоштад каде има државни институции, но и во вилите во Охрид каде има опрема од 2005 година.

Од СОЗР велат дека не е предвидена набавка на нови агрегати, ниту пак замена на постојните.

Додаваат и дека до сега имале само мали дефекти.

„СОЗР склучува Договори за вршење на општи работи и услуги, во кои подетално се регулира начинот на комуникација и во конкретниов случај, начинот на известување при пројавени дефекти. Согласно претходното, Службата реагира и постапува по претходно добиена информација и известување од институциите, кои се со седиште во одреден објект за постоење на проблеми со функционирањето на агрегатите при прекин на снабдување со струја. Од досегашната архива по предметното прашање, ве известуваме дека проблеми пројавени поради прекин со снабдување на струја, има во мал процент, и дека истите се од краткотраен карактер, кои не влијаеле на нормалното функционирање на институциите, велат од Службата за општи и заеднички работи.

Сашо Алексоски, дипломиран електричен инженер за Фактор вели дека постарите машини се склони на чести дефекти, лоши перформанси и големи загуби. Вели дека потребна модернизација на посточките погони и поставување на соодветно редимензионирани решенија онаму каде што е неопходно.  

„Стручноста, односно нестручноста е исто така сериозен проблем. Нема правилна процена на квалитетот на системите, па изборот најчесто се завршува на најефтината понуда. Од тука, се наметнува лош тренд на пазарот па се почести се понудите на непроверени системи со многу слаб квалитет. Ваквите системи најмногу проблеми пројавуваат во постудениот период (односно во периодот кога има и најмногу испади од електричната мрежа) кога заради бројни причини системите не успеваат да влезат во погон и да ги покријат критичните потрошувачи со електрична енергија односно да изработат за она за што се предвидени, вели Алексоски.

Неговиот став е дека треба да се зголеми свеста за правилно димензионирање иинсталирање на овие системи, но не само кај здравствените и државните установи туку и во други јавни објекти, базените, спортските комплекси, административните згради, трговските центри, па дури и во зградите за домување.

„Инаку, со правилно димензионирање на потрошувачите и изолирање на оние потрошувачи кои се критични може да се прави оптимизација на големините и моќностите на системите за резрвно и непрекинато напојување, па од тука да се добијат соодветни решенија кои не финансиски не се големи, и може да се каже дека се занемарливи во однос на инвестицијата на целиот објект. Секако мора да има и потикнување на свеста и во изборот на понови машини кои ги задоволуваат стандардите за испуштање на емисиони гасови за помало загадување на животната средина, додава професорот.

Пред извесно време Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје остана без струја, а агрегатот не се вкучил. 

А.Т.


Слично

Поврзани вести