Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Државни патишта“ објави повик за надзор на автопатот Скопје - Блаце, но молчи за тоа што ќе се работи

„Државни патишта“ објави повик за надзор на автопатот Скопје - Блаце, но молчи за тоа што ќе се работи

Прашање е дали новата власт и годинава ќе успее да започне со реализација на втората фаза од автопатот Скопје - Блаце, бидејќи од јавното претпријатие „Државна патишта“ на средината на минатиот месец е објавен повик за надзор на изградбата на проектот од 10,5 километри, но од таму засега одбираат да молчат и да не даваат детали и рокови.

Од „Државни патишта“, најверојатно по налог на директорот Коце Трајановски, функционер од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, не одговараат дали оваа година ќе започне изградбата на автопатот за кој три години по ред се планираат средства, но досега не се потрошил ниту денар. Единствена информација што може да се прочита е во програмата за работење на ЈПДП за 2025, каде е испланирана ставка од милијарда денари за Скопје - Блаце како трошок за оваа година.

Иако биле планирани милијарда денари, односно околу 16,4 милиони евра и претходните години, на оваа автопатска делница не биле реализирани никакви средства. Договорот со Европска банка за обнова и развој за втората фаза од 10,5 километри од селото Блаце до Скопје е потпишан во јули 2022 во вредност од 186 милиони евра, а вклучен е и грант од Европската унија.

Еден повик за надзор и изведувач  беше распишан дури во 2023, но од јавното претпријатие нема одговор дали во меѓувреме се променети условите за изградба на автопатот до границата со Косово. Единствено во повикот на Европската банка за обнова и развој пишува дека понудите за надзор ќе се прифаќаат до 23 јуни.

Претходно министерот за транспорт Александар Николоски откри сериозни индикации за корупција и незаконски пренамени на средства, кои како што рече тој, ја забавиле изградбата на автопатот и ги зголемиле неговите трошоци, како и тоа дека се размислува подделницата да се гради по нова траса.

Претходно, во март „Државни патишта“ објави повик, исто така финансиран од ЕБОР со дополнителен грант од Европската унија, за изведувач на автопатот Кичево - Букојчени како дел од Коридорот 8. Најавите се дека операторот ќе биде избран оваа пролет или на лето. И почетокот на оваа автопатска делница долго се најавува, но не е започната.

Во Годишната програма за работа на ЈПДП за Букојчани – Кичево се предвидени 650 милиони денари. Оваа делница е надоврзување на трасата Гостивар – Букојчани, во должина од 30,1 километар, која е дел од пакетот автопатски делници што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

А.К.

Слично

Поврзани вести