Државни електрани ќе вработуваат експерти за помош на директорите
АД ЕСМ на 8 јануари објави оглас за ангажирање на тројца експерти како „поддршка на раководството на компанијата“. Ќе треба да се одговорни за довршување на ветерниот парк во Богданци и рехабилитација на шест хидроцентрали, како и на изградба на фотоцентралата од 100 до 160 мегавати на местотот на РЕК Битола и имплементацијата на битолскиот топловод.
Од ЕСМ не добивме конкретен одговор колкави ќе бидат нивните плати. Од таму велат дека вработувањата се финансирани од грант. Пријавувањата се до крајот на јануари, а кандидатите ќе бидат интервјуирани пред да се потпише договор со нив. Треба да бидат електро инжинери и машински инжинери со искуство од најмалку осум до десет години.
„Огласот кој што е објавен на веб страницата на АД ЕСМ се однесува за три консултантски позиции и се работи за ангажман од времен карактер кој е финансиран со средства од грант обезбеден од KfW банката.
Што се однесува до нето платите, истите ќе бидат конкурентни и мотивирачки во согласност со експертизата и искуството на апликантите и во согласност со надоместоците за слични ангажмани од меѓународни финансиски институции“, гласи одговорот од ЕСМ.
Експертите ќе бидат одговорни за целокупното управување и спроведување на проектите, за тендерите, за надзорот и пуштањето во употреба на овие објекти, одобрувањето фактури, да се координира со консултантите кои ќе бидат договорени за секој проект посебно, да ја прегледува опремата, да го посетува теренот на работа, итн.
Вработувањата се дел од „Програмата за обновливи извори на енергија“ а на трите позиции се бараат по еден инженер, технолошки експерт и институционален експерт, кој ќе ги познава правилата и прописите на европската климатска политика. Покрај диплома и искуство, се препорачува да работеле на слични проекти претходно.
А:К.
