Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државата затаи во образованието: Поразителни бројки за стручните кадри

Државата затаи во образованието: Поразителни бројки за стручните кадри

Државата мора поагресивно да работи на зголемување на бројот на запишани студенти во стручните училишта, но и да понуди олеснувања за работодавачите кои нудат практична работа обука во нивните компании, сугерира Стопанската комора. Оттаму велат дека ако сакаме развиена економија, процентот на упис на ученици во стручното образование мора од година во година да расте и да достигне бројка од над 80 отсто запишани ученици. Ако се споредуваат податоците по години, поголем е бројот на ученици кои се запишуваат во стручното образование во однос на гимназиското, но гледајќи низ годините нема промена во процентот на упис на ученици во стручното образование. Исто така, загрижува фактот дека од година во година бројот на ученици опаѓа и тоа, од 89.814 ученици во учебната 2012/2013 година опаднал на 71.458 ученици во учебната 2017/2018 година.

„Мора да бидеме свесни дека без да обезбедиме и промовираме нови квалификации кои се релевантни на барањата на пазарот на трудот, без да обезбедиме извесен надоместок на ученикот за практичната обука во компанијата, без да се подобрат работните услови во компаниите, да се покачат платите на работниците и без да се обезбедат извесни олеснувања на работодавачите кои овозможуваат практична обука во својата компанија, нема да го зголемиме бројот на запишани ученици во стручното образование. Тоа не оди во корист ниту на компаниите кои се во потрага по квалификувана работна сила, ниту на државата, вели Наташа Јаневска, самостоен советник во Стопанската комора.

Таа прашува што правиме за поттикнување на учениците за влез во стручното образование и дали промотивната кампања што ја започна Министерството за образование и наука за подигање на атрактивноста на стручното образование е доволна.

Според податоците од Државниот завод за статистика од учебната 2012/2013 година па се` до тековната 2017/2018 година, континуирано 40 отсто од учениците се запишуваат во гимназиско образование, 58 проценти во стручно образование, а останатите околу 2 во уметничкото образование.


Слично

Поврзани вести